Пет американски барања кон Иран, доколку не ги исполнат, ќе започнат напади

Соединетите Американски Држави влегуваат во преговори за нуклеарната програма на Иран со многу тешки барања. Вашингтон и Техеран сѐ уште се далеку од договор што би спречил војна, пишува „Волстрит џурнал“.

Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер денеска започнаа клучна рунда разговори во Женева под силен притисок од „јастребите“ во администрацијата и републиканците во Конгресот да не се согласат на договор што би можел да се протолкува како отстапка за Иран.

Ова се петте клучни барања

Затворање и демонтирање на сите три главни нуклеарни централи: Фордоу, Натанц и Исфахан
Предавање на збогатениот ураниум на Соединетите Американски Држави
Договорот мора да биде траен, без временско ограничување
Без збогатување на ураниум (можна работа само на медицинскиот реактор во Техеран)
Само минимално олеснување на санкциите веднаш, повеќе само ако Иран го почитува договорот на долг рок

Според „Волстрит џурнал“, американските преговарачи требало јасно да стават до знаење дека Иран мора да ги демонтира своите три главни нуклеарни објекти – во Фордоу, Натанц и Исфахан – и да го предаде целиот преостанат збогатен ураниум на Соединетите Американски Држави.

„Ова може да биде последната шанса за постигнување договор“, рече Саид Голкар, вонреден професор на Универзитетот во Тенеси во Чатануга и експерт за иранската војска. „Ако тоа не функционира, САД ќе го решат со воени средства она што не можат да го решат со дипломатија“.

Иран инсистира на правото да збогатува ураниум, но нуди предлози за да се обиде да го смири Вашингтон. Тие вклучуваат намалување на нивото на збогатување од сегашните 60% на 1,5%, привремено суспендирање на збогатувањето за неколку години или повторна обработка под арапско-ирански конзорциум со седиште во Иран.

Дискусиите засега се хипотетички бидејќи нуклеарната програма на Иран беше во голема мера уништена во 12-дневната војна со Израел и САД минатиот јуни.

САД инсистираат на нула збогатување, но американските претставници велат дека преговарачкиот тим би можел да му дозволи на Иран да го рестартира реакторот во Техеран кој би користел многу ниско збогатен ураниум за медицински цели.

 

фото/Depositphotos

Scroll to Top