Познати музички имиња, вклучувајќи ги Massive Attack, Kneecap, Brian Ino, Sigur Rós, Nadine Shah и други, потпишаа отворено писмо со кое повикуваат на бојкот на претстојниот натпревар за песна на Евровизија поради учеството на Израел.
„Одбиваме да молчиме додека геноцидното насилство на Израел ги следи и ги замолчува палестинските животи. Додека децата во израелските затвори страдаат од тепање затоа што пеат. Додека речиси секоја сцена, студио, книжарница и универзитет во Газа останува само куп урнатини, под кои телата на убиените сè уште лежат чекајќи извлекување и достоинствен погреб.“
Портпаролот на иницијативата „Без музика за геноцид“ изјави:
„Луѓето со совест ширум светот се борат против соучесништвото во секоја индустрија за слободна Палестина и послободен свет. Додека многумина од нас во индустријата ја сфаќаме Евровизија лесно или се сомневаме во сопствената моќ како културни креатори, лидерите на геноцидниот Израел отворено зборуваат за геополитичката вредност на натпреварот.“
Организаторите ги пофалија Шпанија, Ирска, Словенија, Холандија и Исланд за повлекувањето од натпреварот, како и индивидуалните финалисти на националните избори кои одбија да учествуваат. Тие наведоа: „Како уметници, ја признаваме нашата колективна моќ – и моќта да одбиеме. Одбиваме да молчиме. Одбиваме да бидеме соучесници. Ги покануваме другите во нашата индустрија да ни се придружат.“
ЕБУ постојано ја бранеше одлуката Израел да учествува на Евровизија, иако се појавија обвинувања за двојни стандарди, потсетувајќи дека на Русија ѝ беше забрането да учествува во 2022 година по инвазијата на Украина.
„На Русија ѝ е забрането учеството на Евровизија 2022. Трета година по ред, Израел се враќа на сцената. Тоа не е неутралност. Тоа е избор“, велат Kneecap.
Израел ги негира обвинувањата за геноцид во Газа, додека истрагата на ОН во септември 2025 година заклучи дека се извршувал геноцид.
Евровизија е најголемиот музички настан во светот, кој минатата година го гледале 166 милиони гледачи, а 70-тото издание ќе се одржи во Виена, а финалето е закажано за 16 мај 2026 година.
Фото: ЕПА







