По девет години на чело на Бугарија, Румен Радев ја напушта претседателската функција

По девет години, бугарскиот претседател, Румен Радев ја напушта претседателската функција.

Уставниот суд денес во земјата ќе одржи расправа за случајот покренат во врска со неговата оставка, јавуваат бугарските медиуми.

Оставката на Радев беше поднесена до Уставниот суд во вторник, еден ден откако тој ја објави својата одлука да се повлече од функцијата и да се кандидира на претстојните предвремени парламентарни избори во специјално обраќање до бугарските граѓани.

Така завршува неговиот речиси децениски престој во „Дондуков“ 2 – прво како претседател во два последователни мандати, а потоа и како клучна фигура во низа политички кризи и привремени влади.

Според Уставот, во случај на предвремено прекинување на претседателскиот мандат, овластувањата на шефот на државата ги презема потпретседателот до истекот на мандатот . По одлуката на Уставниот суд, функцијата ќе ја извршува Илијана Јотова.

Се очекува таа да ја продолжи постапката за назначување на привремена влада, вклучително и спроведување на задолжителните консултации со потенцијалните кандидати за привремен премиер и одредување на датумот за предвремени парламентарни избори, пишува „њуз.бг“.

Според информациите од претседателската институција, Румен Радев официјално ќе ја напушти претседателската зграда денес во 16:00 часот. На свечениот влез ќе го испрати Илијана Јотова, која, по одлуката на Уставниот суд, ќе ги преземе функциите претседател на Република Бугарија.

Scroll to Top