По убиството на цивил во Минеаполис, Трамп ги обвини демократите дека ги стават мигрантите пред американските граѓани

Агент на Американската имиграциска и царинска служба (ICE) во Минеаполис во саботата го застрела и уби 37-годишниот Алекс Прети, техничар на интензивна нега, две недели откако друг агент на ICE застрела и уби жена, исто така, на протестите против имиграциската политика на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, испрати формално барање до гувернерот на Минесота за помош од Националната гарда.

Гувернерот го одобри барањето за да можат членовите на гардата да ги зајакнат локалните полициски сили кои се преоптоварени од постапките на агентите на ICE на Трамп. Членовите на гардата ќе поднесуваат извештаи до локалните власти и ќе помогнат во обезбедувањето на местото на пукањето и регулирањето на сообраќајот.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, ги обвини лидерите на Демократската партија дека ги ставаат „криминалните нелегални имигранти пред американските граѓани“, во неколку објави на социјалната мрежа Truth Social, додека тензиите дополнително се зголемија, по убиството што го извршија федералните службеници во Минеаполис.

Трамп ги опиша операциите во градовите и државите управувани од републиканците како „мирно и непречено водење“ без протести или немири, додека оние управувани од демократите наводно одбиле да соработуваат со службениците за имиграција и, како што рече, „ги охрабрувале левичарските агитаторски групи“.

„Правејќи го тоа, демократите ги ставаат криминалните нелегални имигранти пред даночните обврзници што ги почитуваат законите и создадоа опасни околности за сите вклучени“, додаде Трамп во објавите.

Неговите коментари доаѓаат во услови на јавни судири со демократските лидери на Минесота, вклучувајќи го и гувернерот Тим ​​Волц, околу справувањето со минатите и неодамнешните фатални пукотници поврзани со имиграцијата во Минеаполис, кои предизвикаа силна национална реакција и политичка тензија.

Двјаца сведоци на убиството на Алекс Прети изјавија под заклетва дека 37-годишниот техничар на интензивна нега не мавтал со оружје кога им се обратил на федералните агенти во Минеаполис. Нивното сведочење е во спротивност со тврдењата на претставници на администрацијата на Трамп, кои се обидоа да го прикажат пукањето врз човекот кој како чин на самоодбрана, објавува „Гардијан“.

Изјавите на сведоците беа поднесени во федералниот суд во Минесота доцна во саботата, само неколку часа по убиството на Прети.

Едниот сведок е жената која го снимила најјасното видео од фаталното пукање, додека другиот е доктор кој живее во близина и првично му било забрането од федералните службеници да ѝ пружи медицинска нега на жртвата.

Во своето сведочење, жената која го снимила инцидентот се претставила како „детски забавувач специјализиран за сликање лица“. Таа рекла дека дошла на местото на настанот за да документира што агентите на ICE им правеле на нејзините соседи. Таа опишала како Прети бил нападнат од федерални службеници откако тој се стрчал да му помогне на друг минувач кој бил турнат на земја од страна на агентите. Потоа еден агент испрскал хемиски агенс во лицата на Прети и жената на која се обидувал да ѝ помогне.

Таа рекла дека никогаш не го видела Прети како држи пиштол.

„Агентите го соборија човекот на земја. Не го видов како ги допира – дури и не беше свртен кон нив. Не изгледаше како да се обидува да се спротивстави, само се обидуваше да ѝ помогне на жената да стане. Не го видов со пиштол. Го фрлија на земја. Четири или пет агенти го држеа долу и едноставно почнаа да пукаат во него. Го застрелаа толку многу пати… Не знам зошто го застрелаа. Тој само помагаше. Бев на пет метри од него и тие едноставно го застрелаа…“, рекла таа.

Таа додаде: „Ја прочитав изјавата на DHS за тоа што се случило и е погрешно. Човекот не им се приближи на агентите со пиштол. Им се приближи со камера. Само се обидуваше да ѝ помогне на жената да стане, а тие го соборија на земја. Се чувствувам исплашена. Поминаа само неколку часа откако човекот пред мене беше застрелан и не чувствувам дека можам да си одам дома бидејќи слушнав дека агентите ме бараат. Не знам што ќе прават агентите кога ќе ме најдат. Знам дека не ја кажуваат вистината за тоа што се случило.“

Втор сведок, 29-годишен доктор, сведочеше дека го видел пукањето од прозорецот на својот стан. Пред пукањето, опиша сведокот, го видел Прети како им вика на агентите, но не го видел како ги напаѓа агентите или мавта со оружје.

По пукањето, докторот се обидел да пружи медицинска помош, но првично бил одбиен. „Агентите на ICE на почетокот не ме пуштија“, рече тој. „Но, ниту еден од агентите на ICE кои беа во близина на жртвата не вршеше CPR, и можев да кажам дека жртвата е во критична состојба. Инсистирав агентите на ICE да ми дозволат да го прегледам“, додаде тој.

Кога конечно ги убедил агентите да го пуштат, рече дека бил збунет зошто, наместо да проверат пулс или да извршат CPR, полицајците се чинеше дека ги броеле неговите прострелни рани. „Жртвата имаше најмалку три прострелни рани во грбот, заедно со една во горниот лев граден кош и уште една можна прострелна рана во вратот. Проверив пулс, но не можев да го почувствувам“, рече докторот.

Исказот на сведоците, во комбинација со видео докази, директно се спротивставува на тврдењата на високи функционери на администрацијата на Трамп, вклучувајќи го претседателот, секретарот за внатрешна безбедност и Грег Бовино, командантот на Граничната патрола. Тие го нарекоа Прети вооружен човек кој им се приближил на федералните службеници мавтајќи со пиштол и заканувајќи се дека ќе ги масакрира.

Scroll to Top