Прво затемнување на Сонцето оваа година

Првото затемнување на сонцето оваа година ќе биде видливо денес во некои делови од светот. Затемнувањето ќе биде видливо само за околу два проценти од светската популација, главно на Антарктикот, делови од Африка и Јужна Америка, според астрономите, објавува CNN.

Таканареченото „прстенесто“ затемнување на сонцето се случува кога Месечината поминува помеѓу Земјата и Сонцето, но е премногу далеку во својата орбита за целосно да го затемни Сонцето, што создава карактеристичен „огнен прстен“ околу темната силуета на Месечината.

Изворите наведуваат дека до 96 проценти од Сонцето ќе биде покриено од Месечината за време на целосното затемнување.

Овој феномен ќе биде најдобро видлив на станицата Конкордија на Антарктикот и ќе трае околу два часа.

Поради тесната патека на затемнувањето, набљудувачите ќе мора да користат технологија или преноси во живо за да го видат овој редок феномен, додека делумното затемнување ќе биде видливо во Јужна Африка, Аргентина, Чиле, Мадагаскар, Маврициус и други делови од јужна Африка, објавува Танјуг.

Се предвидува дека околу 176 милиони луѓе ќе го видат затемнувањето.

НАСА предупредува на важноста од безбедно гледање на затемнувањето, со задолжителна употреба на сертифицирани очила за затемнување, бидејќи гледањето директно во Сонцето без заштита може сериозно да ги оштети очите.

За време на целосно затемнување на Сонцето, во точката на максимална целосност – кога Месечината целосно го покрива Сонцето, очилата за затемнување можат привремено да се отстранат, истакнуваат експертите. По прстенестото затемнување на Сонцето ќе следи затемнување на Месечината, кое ќе се случи на 2 или 3 март.

Затемнувањето на Месечината и затемнувањето на Сонцето често се случуваат во рок од неколку недели еден од друг, а ова е поврзано со механиката на системот Сонце-Земја-Месечина што го предизвикува затемнувањето. Затемнувањето на Месечината ќе биде видливо од Северна и Јужна Америка, делови од Азија, Австралија и Нов Зеланд.

Scroll to Top