„Престанете да го смирувате тиранинот од Вашингтон“: Kаламар порача Европа да се спротивстави на Трамп

Европа мора да престане да се обидува да го „смири“ американскиот претседател Доналд Трамп и наместо тоа да му се спротивстави нему, како и на другите „тирани“ кои се решени да го уништат редот заснован на правила воспоставен по Втората светска војна, изјави денес генералната секретарка на Амнести Интернешнл, Агнес Каламар.

„Ни треба многу посилен отпор“, рече Каламар во интервју за АФП на маргините на Светскиот економски форум во Давос, предупредувајќи дека „кредибилитетот на Европа е во прашање“.

Каламар ги повика европските влади да покажат поголема „храброст“ и да знаат како да „кажат не“.

„Тие мора да престанат да веруваат дека можат да преговараат со тирани, мора да престанат да мислат дека можат да ги прифатат правилата на предаторите без да станат нивни жртви. Ова мора да престане“, рече Каламар, пренесува Хина.

Каламар оцени дека европските лидери минатата година воделе политика на смирување.

„Се обидовме да го смириме тиранинот, предаторот кој живее во Вашингтон и тоа нè доведе кон сè повеќе напади и сè повеќе закани“, рече таа.

Таа потсети дека европскиот проект не е само економски, туку се темели и на вредности и владеење на правото, и изрази надеж дека европските лидери ќе ги искористат сегашните предизвици како можност за повторно потврдување на европскиот проект.

„Ова бара напуштање на политиката на смирување“, заклучи таа, и рече дека „едноставно не функционира“, повикувајќи ја Европа да „се спротивстави“.

Scroll to Top