Американскиот претседател Доналд Трамп му наредил на американскиот преговарачки тим за разговори за завршување на војната во Украина да се обиде да „запре убивањето“, изјави денес потпретседателот на САД Џ.Д. Венс.
Според него, САД водат „многу внимателни преговори“ и со Русите и со Украинците, објавува „Фокс њуз“.
„Очигледно е дека Русите имаат одредени црвени линии, Украинците имаат одредени црвени линии, а претседателот Трамп му зададе задача на целиот тим, почнувајќи од (државниот секретар Марко) Рубио па нагоре, да се обидат да го спречат убивањето. Многу е тешко“, рече Венс.
Тој призна дека завршувањето на војната во Украина е „многу потешко“ отколку што Трамп претходно веруваше, додавајќи дека мисли дека е постигнат напредок.
„Мислам дека напредуваме и со Русите и со Украинците и само ќе продолжиме да работиме на тоа. На крајот, или ќе го постигнеме или нема да го постигнеме“, рече Венс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека тој и американскиот претседател Доналд Трамп се согласиле дека следната рунда трилатерални разговори за мирно решение треба да доведе до состанок на лидерите на трите земји – Украина, Русија и САД – во март.
Зборувајќи по телефонскиот разговор со Трамп, Зеленски рече дека трилатералните разговори со Русија и САД ќе се одржат на почетокот на следниот месец. На телефонскиот разговор присуствуваа и американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Очекуваме дека овој состанок ќе создаде можност преговорите да се подигнат на ниво на шефови на држави. Претседателот Трамп ја поддржува оваа низа чекори“, напиша Зеленски на мрежата „Икс“.
„Ова е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се заврши војната.“
Телефонскиот повик се одржа пред нов состанок, исклучиво меѓу украинските и американските преговарачи, за да се разговара за повоената обнова.
Зборувајќи претходно на прес-конференција во Киев заедно со норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, Зеленски рече дека состанокот во четврток ќе вклучува дискусија за „пакет за просперитет“.
Зеленски нагласи дека Соединетите Американски Држави сакаат да најдат начин да го завршат најголемиот конфликт во Европа од Втората светска војна што е можно побрзо, но дека позициите на Москва и Киев остануваат далеку одвоени.
„Според мене, тешкотиите во моментов не се на воено ниво. Проблемот лежи во политичката волја за завршување на оваа војна и во прашањето за територијата“, рече Зеленски.
Тој, исто така, рече дека руските тврдења во вторникот дека Киев се обидува да се здобие со нуклеарно оружје се обид за вршење политички притисок врз Украина за време на преговорите. Тој повтори дека Украина нема нуклеарно оружје и ги повика Соединетите Американски Држави да одговорат на она што го опиша како опасна руска реторика.
Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана и шеф на преговарачкиот тим на Украина, ќе се сретне со специјалниот претставник Виткоф и Кушнер, зет на Трамп, во четврток во Женева.
Руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на дипломатски извор, соопшти дека и претставникот на претседателот Владимир Путин, Кирил Дмитриев, исто така ќе пристигне во Женева во четврток, но не даде дополнителни детали.







