Продолжува потрагата по двајцата исчезнати кај Крк: „Веруваме дека се живи“

Потрагата по двајцата мажи кои исчезнаа во морето продолжува, а спасувачките служби веруваат дека ќе ги пронајдат живи. Претходно биле пронајдени две лица, додека по преостанатите двајца интензивно се трага.

Координаторот за спасување Мирко Рашиќ од Националната централа за координација на потрагата и спасувањето на море, за централниот дневник на ХТВ изјави дека веруваат оти исчезнатите се живи. Одлуката дали потрагата ќе продолжи во текот на ноќта ќе биде донесена по завршувањето на дневните активности, пренесува „Индекс“.

Во потрагата се вклучени воздушни и поморски единици, како и полицијата, кои ја користат преостанатата дневна светлина за пребарување на подрачјето.

„Правиме сè што можеме во овој момент за да бидат пронајдени“, изјави Рашиќ.

„Ќе видиме по завршувањето на дневните активности дали ќе започнеме ноќна потрага. Ноќното пребарување има свои позитивни и негативни страни, па ќе процениме“, објасни Рашиќ.

Временските услови, кои наутро значително ја отежнувале потрагата, во меѓувреме се подобриле. И понатаму дува бура со налети до 20 јазли, но Рашиќ вели дека условите сега овозможуваат продолжување на акцијата.

Рашиќ истакна дека температурата на морето и возраста на исчезнатите ги зголемуваат шансите за преживување.

„Веруваме дека лицата во овој момент можат да бидат живи затоа што морето е топло. Тоа се млади лица и тие сигурно можат да преживеат. Веруваме дека се живи и продолжуваме да трагааме“, порача тој.

Ова не била единствената интервенција на спасувачките служби во текот на денот. Биле спасени и две лица од даска за веслање, како и двајца едриличари во Подвелебитскиот канал.

Рашиќ повторно апелираше до сите кои испловуваат да ја проверат временската прогноза.

„Проверете ја временската прогноза. Денес тоа е многу достапно за сите и тоа е најмалку што можете да направите. Така факторот на ризик дека нешто ќе ви се случи е многу помал“, заклучи тој.

Scroll to Top