Штрајкот на „Загрепачки холдинг“ и градскиот превозник ЗЕТ почнува во понеделник во 3:30 часот наутро, а се очекува во прекинот на работата да учествуваат околу 9.200 работници.
Штрајкот го поддржале 75 отсто од вработените во „Загрепачки холдинг“ и 78 отсто од работниците во ЗЕТ.
Загрепскиот градоначалник Томислав Томашевиќ изјави дека е многу веројатно ниту еден трамвај да не излезе на улиците, што може сериозно да го отежне превозот на граѓаните до работните места и училиштата.
Вчерашните преговори меѓу управите и синдикатите не донесоа договор, па најавениот штрајк останува во сила.
За време на штрајкот ќе се извршуваат само најнеопходните работи, меѓу кои превоз на лица со инвалидитет, специјализиран училишен превоз, услуги поврзани со итни случаи и погреби.
Поради очекуваните сообраќајни гужви, Томашевиќ ги повика граѓаните, доколку имаат можност, да работат од дома, да го приспособат работното време или да организираат заеднички превоз со автомобили.
Посебен проблем може да имаат учениците. Специјализираниот училишен превоз опфаќа само околу пет отсто од учениците, што значи дека останатите 95 отсто кои користат редовен јавен превоз би можеле да се соочат со сериозни проблеми при пристигнувањето на училиште.
До штрајкот доаѓа поради спорот меѓу синдикатите и управите околу платите и новиот колективен договор. Управите тврдат дека синдикатите поставиле нови барања и сега бараат зголемување на основицата на платата од 13 отсто, наместо претходно предложените 12 отсто.
Градските власти наведуваат дека платите на оперативните работници од почетокот на 2023 година веќе се зголемени за меѓу 60 и 80 отсто.
Градот понудил кумулативно зголемување на основицата од 14 отсто во периодот од почетокот на 2026 до почетокот на 2027 година. Според градските власти, прифаќањето на последните барања на синдикатите би значело вкупен раст од околу 30 отсто, што, како што тврдат, би претставувало преголем товар за градскиот буџет.
Синдикатите, пак, ги отфрлаат овие пресметки и велат дека реалните примања на најголем дел од работниците не се толку високи како што се прикажуваат во јавноста.







