Во интервју за германското издание „Берлинер Цајтунг“, поранешниот бугарски претседател Румен Радев, кој неодамна најави влез во трката за премиер изјави дека неговото влегување на парламентарната политика се должи на протестот на Бугарите во декември.
„Тоа е одговор на повикот на бугарските граѓани и нивните очекувања за трансформација на Бугарија во демократска, модерна и слободна европска држава. Масовните граѓански протести во декември низ цела Бугарија, како и во европските градови како Берлин, доведоа до оставка на бугарската влада. Сакаме бугарските граѓани да се чувствуваат целосно слободни, без да зависат од какви било олигархиски интереси и да имаат можност да го развијат својот потенцијал во својата земја“,изјави Радев.
Тој смета и дека завршувањето на војната во Украина бара повеќе дипломатија. Досега, како што вели, фокусот беше ставен на воена и економска помош за Украина, но дипломатските средства не беа доволно искористени. Веќе постои промена во ставот на европските лидери и пореалистичен пристап кон војната во Украина.
„Лидери како претседателот Емануел Макрон почнаа да зборуваат за продолжување на дијалогот со Русија и да дискутираат за идната безбедносна архитектура во Европа. Треба да разговараме со Русија бидејќи без дијалог, безбедносната архитектура ќе се базира на ривалство и постојан воен начин на размислување. Како поранешен командант на воздухопловните сили, многу ги ценам инвестициите во одбраната, но мора да бидеме свесни и за долгорочните последици за нашата економија и општествени системи“, рече Радев.
Додаде дека Украина и нејзините граѓани заслужуваат поддршка во ова исклучително тешко време за нив, но членството во ЕУ бара исполнување на Копенхашките критериуми. Радев вели дека земјите од Западен Балкан чекаат со децении и спроведуваат тешки реформи во економијата, администрацијата и владеењето на правото.
„Не смееме да ги заборавиме додека нашиот фокус е на Украина, поради воените дејствија. Брзањето ризикува поткопување на европските принципи, а Украина сè уште има многу работа да направи за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ“, додаде тој.
Радев зборува и за Македонија, споменувајќи дека земјата според договореот од 2022 година мора да го промени својот Устав и да ги вклучи Бугарите рамноправно со другите државотворни народи , и само тогаш можат да почнат преговорите за членство во ЕУ.
„Ова е тежок, но неопходен процес и би сакале да го видиме РСМ во ЕУ што е можно поскоро. Не сакаме граници и гранични контролни пунктови, туку сакаме луѓето од двете страни на границата да можат слободно да живеат, работат и комуницираат заедно“, рече Радев.







