Ризик од поплави: три департмани на запад во Франција под портокалов аларм

Француската метеоролошка служба „Метео Франс“ стави три департмани на западот од земјата на портокалово ниво на тревога поради ризик од поплави, беше објавено денес.

Од 10 часот наутро, департманите Ванде и Де-Севр се придружија на Морбижан, кој е под портокалово предупредување од саботата, а според метеоролозите, нивото на реките се зголемува по обилните дождови во текот на претходните денови и вчерашната дождовна епизода, објавува BFM.

„Нивото на водата моментално се зголемува во сите сливови на реките Леј и Севр Нант“, соопшти „Метео Франс“, предупредувајќи дека денес и утре се очекуваат нови нарушувања и значителни врнежи од дожд, што ќе доведе до понатамошно зголемување на нивото на водата во наредните денови.

Посебно внимание е насочено кон областите Сен-Мемен/Сериз, Сен-Лорен-сур-Севр и Мареј-сур-Ле, каде што има зголемен ризик од излевање.

Западниот дел на Франција, особено Бретања, веќе беше погоден од екстремно влажно време во текот на јануари, врнеше речиси два од три дена, а количината на врнежи беше до двојно поголема од месечниот просек.

Слични временски услови продолжија и на почетокот на февруари, со повремени поплави поради веќе заситената почва, пренесува Танјуг.

Scroll to Top