Белата куќа им нареди на американските воени сили во наредните најмалку два месеца речиси целосно да се фокусираат на блокада на извозот на нафта од Венецуела, објави Ројтерс, повикувајќи се на изјава на официјален извор.
Иако воените опции остануваат на маса, приоритет е економскиот притисок преку санкции, со цел да се постигне посакуваниот исход за Белата куќа. Според изворот, ова може да ја намали непосредната опасност од американски копнени напади врз Венецуела, за кои претседателот Доналд Трамп претходно изјавуваше дека се можни.
Изворот наведува дека досегашните активности извршиле силен притисок врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро, и дека земјата би можела да се соочи со економска катастрофа до крајот на јануари, доколку не направи значајни отстапки кон САД.
Администрацијата на Трамп соопшти дека целта на нападите врз бродови во меѓународните води на Тихиот океан и Карипското Море во близина на Венецуела е да се спречи шверцот на дрога и да се зголеми притисокот врз Мадуро.
Од почетокот на септември, во 29 официјално потврдени напади биле убиени најмалку 105 лица, без да бидат презентирани докази дека станувало збор за нарко-криминалци. Четворица експерти на Обединетите нации соопштија дека убиствата претставуваат кршење на правото на живот, а поморската блокада ја оценија како незаконита вооружена агресија, спротивна на Повелбата на ОН.
Фото: pexels







