Мнозинството руски медиуми во извештаите за посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Србија ја истакнуваат изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека со Зеленски не разговарал за воена соработка.
Агенцијата ТАСС додава дека Вучиќ, сепак, ја оставил отворена можноста за таков дијалог по завршувањето на конфликтот.
„Денес, во сегашните околности, не разговаравме за никаква воена соработка. Што ќе се случи по завршувањето на војната, тоа е веќе друго прашање“, рече Вучиќ.
ТАСС објави и дека навивачите на белградска „Црвена ѕвезда“ протестирале поради доаѓањето на Зеленски.
„Известија“ пишува дека Вучиќ на заедничката конференција за новинари по средбата со Зеленски не го прекорил германскиот новинар Михаел Мартенс, кој прашал „што може Европа да направи за да ѝ помогне на Украина да убие повеќе руски војници“.
„Кога станува збор за убивањата, се надевам дека тие ќе престанат“, рече Вучиќ.
Одговарајќи на прашањето, Вучиќ нагласи дека Белград со Киев не разговарал за воена соработка. Според неговите зборови, страните во моментов се фокусирани на други прашања, додека прашањето за можна соработка по завршувањето на конфликтот припаѓа на иднината, пишува „Известија“.
РИА Новости денеска пренесува и дека Вучиќ одговорил на критиките на политичките противници поради посетата на Зеленски, велејќи дека Србија ништо не изгубила со таа посета и дека не застанала на страната на Украина во конфликтот со Русија.
„Кога дојде Зеленски, тие (политичките противници) не слушаа што зборуваше тој или јас, за нив беше важно да објават фотографија и да кажат дека сме преминале на другата страна. Не преминавме никаде… Што изгубивме со доаѓањето на Зеленски? Ништо!“, им рече Вучиќ на новинарите во неделата.
Тој укажа дека Србија не ѝ воведе санкции на Русија и потсети дека Украина го нема признаено Косово.
„Нема да му служам на никој друг. Ниту на Англија, ниту на Германија, ниту на Америка, ниту на Русија. Ѝ служам само на Србија, научете го тоа веќе еднаш“, нагласи Вучиќ.
Агенцијата пишува и за протестот одржан за време на посетата на Зеленски, пред споменикот на Николај II Романов во центарот на Белград, каде што се собрале педесетина луѓе со руски и српски знамиња и портрети на претседателот на Русија, Владимир Путин.
РИА Новости во првиот извештај за посетата исто така ја издвојува изјавата на Вучиќ дека во овој момент не станало збор за воена соработка со Украина.







