Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претстави нов план за оданочување на увозот, како одговор на одлуката на Врховниот суд кој претходно оваа година ги блокираше неговите најагресивни царини. Трамп тогаш најави дека ќе најде други начини за спроведување на својата трговска политика, објави Си-ен-ен.
Канцеларијата на американскиот трговски претставник соопшти дека од петок во 00:01 часот по локално време ќе стапат во сила нови царини од 10 до 12,5 отсто. Мерките ќе опфатат десетици трговски партнери, меѓу кои Европа, Кина и Индија.
Овој потег се совпаѓа со истекот на претходната општа царина од 10 отсто, која администрацијата на Трамп ја воведе претходно оваа година откако го загуби судскиот спор.
„Претседателот нема да дозволи неговата трговска политика и пошироките цели да бидат поткопани само затоа што судот или некој друг ограничил една од алатките што му стојат на располагање“, изјавија високи претставници на Белата куќа за новинарите за време на телефонски брифинг посветен на новите мерки.
Според Си-ен-ен, администрацијата смета дека со новиот план ќе може да ја продолжи својата трговска стратегија и покрај ограничувањата што ги наметна судската одлука.







