Светската здравствена организација (СЗО) денес изјави дека постои низок ризик од ширење на вирусот „Нипа“ од Индија и дека не препорачува воведување ограничувања за патување или трговија, откако во таа земја беа потврдени два случаи на инфекција.
СЗО изјави дека Индија има капацитет да ги спречи ваквите епидемии и дека нема докази за зголемен пренос на вирусот од човек на човек, истакнувајќи дека е во постојана координација со индиските здравствени власти, пренесува Ројтерс.
Во исто време, не е исклучена можноста за понатамошно изложување на вирусот, кој циркулира меѓу популацијата на лилјаци во делови од Индија и соседниот Бангладеш.
По потврдата на инфекции во Индија, Хонг Конг, Малезија, Сингапур, Тајланд и Виетнам ги заострија контролите на аеродромите оваа недела за да се спречи евентуалното ширење на вирусот.
Вирусот „Нипа“ се пренесува од лилјаци и животни како што се свињите и може да предизвика треска и енцефалитис кај луѓето.
Стапката на смртност се движи од 40 до 75 проценти, а нема регистриран лек, додека вакцините сè уште се тестираат.
Преносот од човек на човек е тежок и обично бара продолжен близок контакт.
Според вирусолозите, ризикот за општата популација останува низок.
СЗО соопшти дека изворот на моменталната инфекција сè уште не е целосно регистриран и дека вирусот „Нипа“ е класифициран како приоритетен патоген поради високата стапка на смртност и недостатокот на лиценцирани вакцини или третмани.
Двајца здравствени работници заразени кон крајот на декември во источната индиска држава Западен Бенгал се наоѓаат на болничко лекување, соопштија локалните власти.
Ова е седма документирана епидемија на вирусот „Нипа“ во Индија и трета во Западен Бенгал.
Индија, особено федералната држава Керала, редовно пријавува спорадични случаи на инфекција од 2018 година, пренесува Танјуг.







