Светската здравствена организација (СЗО) сè уште чека официјални информации од руските власти за дијагнозата на лаборантката од Сибир, чија смрт предизвика сомнежи за можна зараза со белодробна чума.
Од СЗО велат дека засега нема потврдена дијагноза и дека сè уште не располагаат со доволно информации за целосно да го проценат ризикот по јавното здравје.
Руските власти претходно соопштија дека по испитувањето на лицата кои биле во контакт со починатата вработена во Иркутскиот институт за истражување на чума не откриле знаци на заразна болест. Тие ги отфрлија како лажни медиумските информации за можна инфекција со опасниот патоген.
Според руските власти, жената починала од пневмонија, од која се разболела по контакт со луѓе надвор од лабораторијата. Тие наведоа и дека била вакцинирана и имала имунитет против опасните патогени со кои работела.
СЗО, сепак, вчера соопшти дека околу случајот и натаму има значителна нејаснотија и дека не е утврдена потврдена дијагноза.
Здравствената агенција на Обединетите нации со седиште во Женева најави дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и да ги проценува можните последици по јавното здравје како што ќе пристигнуваат нови информации.







