Поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко на рочиште пред Врховниот антикорупциски суд на Украина ги негираше сите обвиненија против неа и изјави дека земјата се наоѓа под „фашистички режим“.
Судот ѝ изрече мерки на Тимошенко, која неодамна беше уапсена во акција на Националното антикорупциско биро на Украина поради сомнежи за тешка корупција.
Судијата одлучи Тимошенко да биде пуштена на слобода со кауција во износ од околу 655.000 евра.
Според наводите на NABU и Специјалното антикорупциско обвинителство, Тимошенко се сомничи дека нудела мито на поголем број пратеници од Врховната рада од други политички фракции, со цел тие да гласаат за или против одредени законски предлози.
Во соопштението на NABU се наведува дека станува збор за лидерка на парламентарна фракција која се обидела да влијае врз законодавниот процес преку „недозволени користи“. Доколку ѝ биде докажана вината, ѝ се заканува затворска казна од пет до десет години, како и можна конфискација на имот.
Покрај кауцијата, судот ѝ изрече и дополнителни мерки: ѝ е забрането да ја напушта Киевската област без дозвола од истражителите, обврзана е да носи електронска алка, да го предаде пасошот, како и да не комуницира со повеќе десетици пратеници.
Рочиштето се одржа на 16 јануари пред судијата Виталиј Дубас. Поранешната премиерка се појави во придружба на адвокатите и претставниците на обвинителството. Пред почетокот на рочиштето, Тимошенко ги отфрли сите обвиненија, тврдејќи дека „не е сторено никакво кривично дело“ и дека не постојат законски основи за изрекување какви било мерки.
Во изјава за новинарите, таа отиде и чекор понатаму, наведувајќи дека Украина, според неа, се наоѓа под „фашистички режим“, повторувајќи наратив што Москва го користи во обидите да го делегитимира претседателот Володимир Зеленски и актуелната власт.
Тимошенко порача дека не планира да ја напушти Украина додека, како што рече, не се ослободи од „бандата што ја презела власта“. Таа додаде и дека истражителите претходно, во текот на ноќта и без судска наредба, упаднале во нејзиниот дом, по што бил извршен претрес и во седиштето на нејзината партија.
„Ова е 1937 година“, изјави Тимошенко, алудирајќи на сталинистичките политички прогони.







