Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран со „многу трауматски“ последици ако не успее да постигне нуклеарен договор, велејќи дека се надева дека разговорите меѓу Вашингтон и Техеран за нуклеарната програма на Иран ќе дадат резултати следниот месец, пренесува француската новинска агенција АФП.
„Мора да постигнеме договор, во спротивно ќе биде многу трауматично, многу трауматично. Не сакам тоа да се случи, но мора да постигнеме договор. Ќе биде многу трауматично за Иран ако не постигнат договор. Ќе видиме дали можеме да постигнеме договор, ако не можеме, ќе мора да преминеме на втората фаза“, им рече Трамп на новинарите.
Американските и иранските претставници се состанаа минатата недела во Оман на разговори, но не успеаја да постигнат никаков напредок. Ова беа првите разговори меѓу двете страни откако Вашингтон се придружи на нападите на Израел врз Иран во јуни, во кои американските сили ги бомбардираа нуклеарните постројки на Иран.
Иран сака да ги продолжи преговорите, но инсистира на нивно ограничување на прашања поврзани со неговата нуклеарна програма, додека Вашингтон сака да ги прошири преговорите на други прашања, како што е програмата за балистички ракети на Иран.
Во средата, Трамп разговараше и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа за нуклеарната програма на Иран. Во Вашингтон во четвртокот, пред да се врати во Израел, Нетанјаху рече дека Трамп го отвора патот за договор.
– Тој верува дека условите што ги создава, во комбинација со фактот дека тие сигурно сфаќаат дека направиле грешка минатиот пат кога не постигнале договор, ќе создадат услови за постигнување добар договор – рече Нетанјаху, повторувајќи го својот скептицизам во врска со каков било договор со Иран.







