Трамп назначи специјален пратеник за Гренланд

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека го назначува гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд.

„Џеф разбира колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе ги промовира интересите на нашата земја за безбедноста, сигурноста и опстанокот на нашите сојузници и светот“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.

Белата куќа и претставниците на Ландри не одговорија веднаш на барањата за коментар, објави Ројтерс.

Џеф Ландри е американски политичар од редовите на Републиканската партија и актуелен гувернер на сојузната држава Луизијана. Претходно, тој беше државен обвинител на таа сојузна држава со години, а беше и конгресмен во Претставничкиот дом на САД.

Тој е национално препознатлив првенствено како еден од најтврдите конзервативци на југот од земјата. Ландри се здоби со политички профил преку теми како што се силното противење на абортусот, отфрлањето на федералните регулаторни овластувања, отпорот кон климатските политики и нагласувањето на „законот и редот“.

Тој го поддржуваше Трамп дури и по изборите во 2020 година и учествуваше во правни и политички иницијативи со кои републиканците ги оспорија потезите на администрацијата на Бајден. Трамп јавно го поддржа во трката за гувернер.

Scroll to Top