Три напади со нож за четири дена: Полска испрати 20.000 полицајци во училиштата

Денес во Полска започна голема полициска операција за да се обезбеди сигурноста на учениците, по три напади со нож во училиштата во рок од само четири дена. Премиерот Доналд Туск предупреди на растечкиот проблем со насилството меѓу младите и најави одлучен одговор од страна на властите, пренесува Ројтерс.

Повеќе од 20.000 полицајци се распоредени во училиштата низ целата земја; од петокот, полицијата извршила проверки во 80.000 образовни установи и привела 135 лица. Оваа обемна безбедносна операција беше покрената по серијата напади во кои загина едно лице, а неколку други беа повредени.

Туск: Сведоци сме на загрижувачки пораст на насилството
Полските власти ги отфрлија шпекулациите што ги поврзуваат нападите со онлајн предизвик или со организирана група. Сепак, на вчерашниот кризен состанок, премиерот Доналд Туск предупреди дека онлајн содржините што го величаат насилството имаат негативно влијание врз младите луѓе.

„Забележуваме растечка фасцинација од насилството, како во Полска, така и низ целиот свет… Сведоци сме на загрижувачки тренд на насилство“, рече Туск. Како клучни проблеми тој ги издвои онлајн содржините што промовираат нацистичка идеологија и култ кон физичката сила, како и насилните компјутерски игри.

Полскиот министер за внатрешни работи, Марчин Кјерињски, синоќа го најави распоредувањето на повеќе од 20.000 полицајци во училиштата.

„Потребна е јасна порака: нема да има толеранција за какви било напади врз полските деца, ниту за претворање на јавниот живот во анархија“, изјави тој за државната телевизија ТВП Инфо.

Scroll to Top