(Фото/видео) Еден од најголемите украински стадиони погоден во руски напад

Во денешниот руски напад врз Одеса, стадионот на „Чорноморец“, еден од најголемите во Украина и дом на истоимениот фудбалски клуб, беше оштетен.

Гувернерот Олех Кипер потврди дека едно лице е повредено во нападот. Нападот се случил околу 15:30 часот, кратко откако воздухопловните сили предупредија за приближување на млазни беспилотни летала, пишува The Kiev Independent.

29-годишна жена која била на стадионот е повредена, и добила медицинска помош. Стадионот, кој се наоѓа во центарот на Одеса, веднаш до градското пристаниште, претрпел големи штети. Дел од покривот е уништен, прозорците се скршени, а трибините се оштетени.

Стадионот „Чорноморец“ има капацитет од 34.164 гледачи. Пред руската инвазија, тој беше домаќин на натпревари во натпреварувањата на УЕФА и на украинската репрезентација. Денес, тој е дом на машкиот клуб „Чорноморец“ и женскиот клуб „Систерс“, кои се натпреваруваат во највисоката лига на украинскиот фудбал.

Машкиот натпревар од украинската Премиер лига закажан за утре беше одложен поради штетата. Организаторите го потврдија одложувањето, но сè уште не се објавени нов датум и локација.

Руската војска ги засили нападите врз Одеса и околината во текот на летото, за време на врвот на туристичката сезона. Овие напади се дел од поширок модел на уништување на инфраструктурата. Според Министерството за млади и спорт, до 20 јули, руските сили во Украина оштетиле или уништиле вкупно 915 спортски објекти.

фото/ЕПА

Scroll to Top