Астронаутката Софи Адено се врати на Земјата по осуммесечна мисија со која беше поставен нов рекорд за најдолг престој во вселената на некој европски астронаут. Таа вчера замина од Меѓународната вселенска станица, а денес околу 17:30 часот слета во океанот заедно со тројца други членови на екипажот, пренесува Euronews.
По еднодневно патување, капсулата со француската астронаутка се спушти во Тихиот Океан – во близина на брегот на Сан Диего – денес во 17:35 часот по француско време. Адено помина 235 дена на височина од 400 километри. Со неа се вратија и рускиот космонаут Андреј Федјаев и американските астронаути Џесика Меир и Џек Хатавеј.
Последните минути од летот беа исклучително напорни. Екипажот навлезе во атмосферата со голема брзина, по што вселенското летало беше забавено со помош на моќни падобрани. Комуникацијата со Земјата беше прекината за време на оваа фаза од спуштањето.
По излегувањето од капсулата и краткиот медицински преглед, четворицата астронаути ќе бидат пренесени до брегот. Таа прво ќе пристигне во базата на американската морнарица „Норт Ајленд“ во Сан Диего, од каде што ќе продолжи кон Вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА во Хјустон.
Медицински тим на Европската вселенска агенција (ESA) ќе се грижи за Софи Адено за време на летот до Келн. Во Германија, астронаутката повторно ќе се сретне со своето семејство и ќе започне повеќедневна програма за закрепнување.
Во февруари, Софи Адено стана втората Французинка што ја преминала Кармановата линија – меѓународно признатата граница на вселената. Прва беше Клоди Ењере пред триесет години. Адено е, исто така, првата Французинка што извела вселенска прошетка. Таа изведе три такви излегувања: на 18 и 25 август и на 1 септември.
Со вкупно 237 дена поминати во вселената, оваа француска астронаутка постави рекорд за најдолг европски вселенски лет. Претходниот рекорд го држеше италијанскиот астронаут Лука Пармитано, кој помина 201 ден во орбитата во периодот меѓу 2019 и 2020 година.
фото/ЕПА







