Цените на нафтата скокнаа над 120 долари: Брент на највисоко ниво од 2022 година

Цените на нафтата нагло пораснаа откако се појавија извештаи дека САД се подготвуваат за продолжена блокада на Иран, при што глобалната референтна цена на нафтата Брент надмина 120 долари за барел – највисоко ниво од средината на 2022 година.

Како што пренесува Би-Би-Си, раководители на енергетски компании, меѓу кои и директорот на „Шеврон“, Мајк Вирт, во вторникот се сретнале со американскиот претседател, Доналд Трамп во Белата куќа за да разговараат за ублажување на последиците од конфликтот врз американските потрошувачи.

Трговците со нафта тој состанок го протолкувале како сигнал дека американскиот притисок врз Иран и ограничувањата во Ормутскиот Теснец би можеле да траат подолго.

Според претставник на Белата куќа, на состанокот се разговарало за домашното производство на енергија, состојбите во Венецуела, терминските договори за нафта, природен гас и поморски транспорт.

Овие информации следуваат по извештај на „Волстрит журнал“ дека Трамп им наредил на своите соработници да се подготват за продолжување на актуелната блокада на иранските пристаништа со цел дополнителен притисок врз економијата на земјата.

Цената на нафтата силно осцилира од почетокот на конфликтот, бидејќи пловидбата низ Ормутскиот Теснец е сериозно нарушена и драстично ограничена. Низ овој стратешки морски премин вообичаено се транспортира околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.

Иран претходно предупреди дека секој брод што ќе се приближи до теснецот ќе се смета за цел, по што САД соопштија дека нивните сили ќе пресретнуваат или враќаат пловила што патуваат кон ирански пристаништа или од нив.

И покрај осцилациите во изминатите недели, цената на нафтата останува значително повисока отколку пред конфликтот.

Во меѓувреме, иранската економија се соочува со продлабочена криза. Според Статистичкиот центар на Иран, годишната инфлација достигнала 53,7 проценти, додека националната валута – ријалот – паднала на рекордно ниско ниво.

Иранската влада минатата недела соопшти дека околу два милиони Иранци директно или индиректно останале без работа како последица на војната.

Светска банка прогнозира дека цените на енергенсите во 2026 година може да пораснат за 24 проценти, на највисоко ниво од руската инвазија врз Украина во 2022 година, доколку најтешките нарушувања предизвикани од војната во Иран завршат во мај, пренесува Би-Би-Си.

Scroll to Top