14 убиени во нови израелски напади низ јужен Либан

Четиринаесет лица беа убиени, а повеќе од 20 ранети во израелските воздушни напади во јужен Либан, според властите и Црвениот крст, додека Израел вети дека ќе продолжи да ги таргетира проирански Хезболах и покрај заканите за одмазда од Техеран.

„Во нападот на непријателот, Израел, во зори врз селото Зифта во регионот Набатија“, седум лица беа убиени, вклучувајќи „едно сириско дете и една жена, а осум беа ранети, вклучувајќи две жени“, се вели во соопштението на либанското Министерство за здравство.

Насилни воздушни напади
Во понеделник вечерта, министерството објави дека пет лица беа убиени, а осум беа ранети во воздушен напад врз Тир. Претходно, израелската армија издаде наредба за евакуација на Тир.

Друг воздушен напад подоцна истата вечер уби две лица, вклучувајќи едно дете, и рани уште 10 во Марванија на југ, според истиот извор.

Израелските воздушни напади погодија повеќе од 15 локации во јужен Либан во понеделник, вклучувајќи го и Тир, според либанската Национална новинска агенција (NNA).

Еден од нападите „беше насочен кон автомобил во близина на зградата на Либанскиот Црвен крст“ во крајбрежниот град, според истиот извор. Четири спасувачи беа повредени во нападот. Тие беа хоспитализирани откако беа погодени од фрагменти од стакло, според Црвениот крст.

Фотограф на АФП забележа густ облак од чад како се издига од крајбрежниот пат во градот. Хезболах ја презеде одговорноста за понатамошни напади врз израелските сили во јужен Либан, но не и во северен Израел.

Scroll to Top