35-годишен маж ѝ го одгризал увото на таксистка во Атина

Брутален напад врз таксистка се случил во атинската населба Неа Јонија, каде што 35-годишен маж ѝ го одгризал увото на 54-годишната жена.

Нападот се случил околу еден час по полноќ. Според информациите што ги објавија грчките медиуми, инцидентот настанал откако мажот дознал дека таксистката нема ПОС-терминал за плаќање со картичка.

Клиентот ја нападнал жената, при што ѝ го одгризал увото. Таа по нападот била во шок и плачела, а потоа со возило на брзата помош била пренесена во болница.

Очевидец го совладал напаѓачот и ѝ помогнал на повредената таксистка. Тој раскажал дека мажот бил исклучително агресивен, а устата му била крвава, поради што заклучил дека ја каснал жената.

Според сведоците, 35-годишникот изгледал „изгубено“ и се тетеравел, поради што тие се посомневале дека можеби бил под дејство на некакви супстанции. Очевидецот, сепак, навел дека кај него не почувствувал мирис на алкохол.

„Го запревме бидејќи дивееше. Не беше пијан, воопшто не чувствував мирис на алкохол. Но видов дека е изгубен и дека тетерави. Мислам дека беше под дејство на апчиња“, изјавил очевидецот.

Тој додал дека таксистката по нападот истрчала и ја преминала улицата. Полицијата пристигнала во првите десет минути, додека брзата помош стигнала по околу 20 минути.

Осомничениот бил уапсен, а против него е поднесена пријава за нанесување тешки телесни повреди. Таксистката била пренесена во болница, каде што ѝ била укажана медицинска помош.

Истрагата продолжува за да се утврдат сите околности и мотивот за нападот.

Scroll to Top