Драма на небото: авион од Тел Авив мораше итно да слета во Бугарија

Авион што полета од Тел Авив изврши итно слетување во Бугарија откако беше пријавена бомба, беше објавено денес на веб-страницата „FlightRadar24“.
Авионот кој леташе од Тел Авив до Виена, беше пренасочен и слета во Софија поради она што бугарското Министерство за транспорт и врски го опиша како „сигнал за закана од бомба“, објавува „Sky News“.
Според информациите од веб-страницата „FlightRadar24“, овој авион на „Аустријан ерлајнс“ под ознаката OS82 беше пренасочен кон Софија, каде што слета во неделата во 20:42 часот по средноевропско време.
„Можеме да потврдиме дека е испратена закана до летот OS82 на линијата Тел Авив-Виена, што наложи застанување во Софија (SOF)“, објави „Аустријан ерлајнс“.
Во авионот имало 51 патник и шест члена на екипажот, а по завршувањето на инспекцијата на авионот, патниците ќе бидат пренасочени кон следниот алтернативен лет.
Бугарското министерство претходно соопшти дека, во согласност со процедурите, ловец на бугарските воздухопловни сили полетал и го следел авионот сè додека не слетал на аеродромот во Софија, и потврди дека е формирана работна група и дека истрагата е во тек.

