Египет ќе ѝ пружи одбранбена помош на Саудиска Арабија доколку Ријад побара

Египет ќе ѝ ја обезбеди на Саудиска Арабија сета неопходна и можна поддршка за одбрана на нејзината безбедност и стабилност, соопшти денеска египетското претседателство.
Во соопштението се наведува дека Египет ќе продолжи и ќе ги интензивира политичките и дипломатските напори, во координација со регионалните и меѓународните актери, со цел да придонесе за смирување на тензиите и решавање на кризата.
Претставничкиот дом на египетскиот парламент денеска ќе одржи вонредна седница на која ќе го разгледа барањето на претседателот Абдел Фатах ел Сиси за одобрување одбранбена помош за Саудиска Арабија, доколку Ријад го побара тоа.
Седницата се одржува еден ден откако Ел Сиси вети дека ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на Саудиска Арабија, нагласувајќи дека евентуалното вклучување на Египет ќе има исклучиво одбранбен карактер.
Египетскиот претседател посочи дека за таков потег е потребно одобрение од парламентот и изрази надеж дека пратениците ќе се состанат за да дадат согласност за помош на Саудиска Арабија, доколку тоа го побара Ријад.


