ЕУ пред тешка година: Нема договор за буџетот, а Украина бара милијарди евра помош

Европската унија се соочува со сериозни политички и финансиски предизвици во момент кога четирите нејзини најголеми економии влегуваат во период на избори и политичка неизвесност. Тоа би можело дополнително да ги отежне преговорите за новиот европски буџет од речиси два билиони евра, како и обезбедувањето дополнителна помош за Украина, пишува „Политико“.
Германија, Франција, Италија и Шпанија заедно сочинуваат околу 60 отсто од економијата и населението на ЕУ. Шпанија оди на парламентарни избори на 29 ноември, Франција ќе избира нов претседател напролет, а Италија ја очекуваат парламентарни избори во 2027 година. Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, се соочува со пад на популарноста и растечка поддршка за крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД).
Последиците веќе се почувствувале на минатонеделниот самит во Брисел, каде што европските лидери по два дена преговори не успеале да постигнат договор за идниот буџет.
„Следната година ќе биде уште полошо“, изјавил висок европски дипломат за „Политико“.
Според шестмина дипломати и функционери со кои разговарал медиумот, владите сè почесто ги ставаат домашните политички интереси пред европските компромиси, стравувајќи од негативни последици пред изборите.
Дополнителен предизвик претставува финансирањето на Украина. Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд што ги пренесува „Политико“, земјата следната година би можела да се соочи со буџетски недостиг од 30 до 35 милијарди долари. Украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал дополнителни 70 милијарди евра финансиска и воена помош за 2027 година.
Една од можностите е користење на околу 200 милијарди евра замрзнати руски средства во белгискиот финансиски систем, но Белгија се противи на користењето на самата имотна вредност поради правните и финансиските ризици.
Истовремено, европските дипломати предупредуваат дека Унијата се соочува со притисоци од САД, Русија и Кина.
„Сакаат да нè поделат. Сакаат да бидеме поделени“, изјавил белгискиот премиер Барт Де Вевер.
Поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис бил уште подиректен.
„Сега сме нападнати од три страни: од САД, Русија и Кина“, изјавил тој.
Според дел од европските дипломати, проблем е и недостигот на силни политички лидери што би можеле да ги обединат членките.
„Во Европа моментално немаме очигледен лидер. Урсула фон дер Лајен е моќна, но немаме Меркел или Митеран“, изјавил еден дипломат.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, сепак смета дека изборите не смеат да ги блокираат европските одлуки.
„Живееме во 27 демократии. Речиси секој месец имаме некакви избори. Ако се водевме според изборите, никогаш немаше да можеме да одобриме нов буџет“, изјавил Кошта.
Новиот европски буџет треба да стапи во сила на почетокот на 2028 година, но засега е неизвесно дали политички договор ќе биде постигнат до крајот на годинава.

