Главната европска обвинителка за Фон дер Лајен: Некои политичари мислат дека се над законот

Главната европска обвинителка во заминување, Лаура Кевеши, предупреди дека работата на Европското јавно обвинителство (ЕЈО) систематски се попречува и поткопува, особено кога истрагите вклучуваат влијателни политичари и лица блиски до владата. Таа истакна дека обвинителите се соочуваат со институционални пречки, недостаток на пари и обиди за дискредитација на нивната работа.
Во интервју за „Политико“, Кевеши, чиј седумгодишен мандат истекува во петок, зборуваше за проблемите со кои се соочува ЕЈО и притисоците што, според неа, ја загрозуваат независноста на оваа институција.
„Некои политичари мислат дека се над законот. Ако ве повикаат да дадете изјава, мора да дојдете“, рече Кевеши, осврнувајќи се на случаите во кои претставници на Европската Унија не одговориле на повиците од обвинителството.
Една од темите за кои повторно се зборува е истрагата позната како „Фајзергејт“, која се однесува на комуникацијата помеѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и директорот на компанијата „Фајзер“ за време на набавката на вакцини против коронавирусот.
Според „Политико“, истрагата е под надлежност на ЕЈО од 2024 година, откако европските обвинителски структури ја презедоа од белгиските власти. Правните документи до кои дојде весникот укажуваат дека се истражуваат можни неправилности, вклучувајќи сомневања за корупција, судир на интереси и уништување на СМС пораки.
Извор запознаен со случајот изјави дека фон дер Лајен сè уште лично не сведочела пред ЕЈО. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека Комисијата целосно соработувала со обвинителството и дека претседателката е подготвена да одговори на прашања во согласност со нејзините обврски и достапност.
Кевеши не сакаше да коментира за конкретната истрага или да потврди дали нејзините критики се однесуваат на претседателката на Европската комисија.
Кевеши предупреди дека ЕЈО постепено може да ослабне токму затоа што се занимава со чувствителни случаи. Таа ги наведе недоволното финансирање, бавното прилагодување на правната рамка и сложените бирократски процедури како главни проблеми.
Според нејзиното мислење, ваквите пречки ја отежнуваат секојдневната работа на обвинителите и ја доведуваат во прашање способноста на институцијата да ги исполни своите обврски. Таа додаде дека нејзиниот наследник, германскиот обвинител Андрес Ритер, ќе мора да ја зачува независноста и кредибилитетот на ЕЈО.
Кевеши, исто така, го критикуваше начинот на кој Европската комисија одговара на потребите на обвинителството, наведувајќи дека предложените средства за одредени активности се значително помали од побараните.
Кевеши нагласи дека истрагите не треба да се запираат поради политичките функции на осомничените или поради изборниот календар. Според неа, од високите функционери треба да се очекува доследно да ги почитуваат правилата, а не посебен третман.
ЕЈО ја започна својата работа во 2021 година, со задача да истражува кривични дела што им штетат на финансиските интереси на Европската Унија. Кевеши рече дека институцијата мора да ја задржи својата независност и способноста да дејствува во секој случај што спаѓа под нејзина надлежност, без оглед на тоа кој е опфатен со неа.
„Ако побарате од ЕЈО да се воздржи од работа затоа што се одржуваат избори во Европа, тогаш ние никогаш нема да работиме“, заклучи Кевеши.

