Сабота, 17 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Годишната инфлација во Црна Гора достигна 5,2 отсто, највисоко ниво од април 2024 година

17.10.2026, 10:14

Цените на горивата во Црна Гора во септември биле за 32,3 отсто повисоки во споредба со истиот месец минатата година. Превозот поскапел за 18,5 отсто, а одржувањето и поправките на станбените објекти за 12,9 отсто. Цените во рестораните и кафулињата, пак, пораснале за 6,9 отсто.

Годишната инфлација достигнала 5,2 отсто, што е највисоко ниво од април 2024 година, покажуваат податоците на Управата за статистика на Црна Гора – Монстат.

Растот на цените на горивата и превозот придонел со 2,17 процентни поени во вкупната годишна инфлација, односно со околу 40 отсто од вкупната стапка.

На поскапувањето на горивата влијаеле движењата на меѓународните берзи, но и одлуката на црногорската влада само делумно да ги намали акцизите на горивата.

Цените на храната пораснале за 2,6 отсто, но одделни категории забележале поголем раст. Зеленчукот поскапел за 5,7 отсто, месото и месните преработки за 4,7 отсто, а житарките и производите од житарки за 3,8 отсто.

Храната сочинува 33,5 отсто од потрошувачката кошничка што се користи за пресметување на инфлацијата. Растот на нејзините цени придонел со 0,85 процентни поени во вкупната инфлација.

Тутунските производи поскапеле за 15 отсто на годишно ниво, по две зголемувања на акцизите од страна на владата – во јануари и во јули. Цената на кутија цигари вкупно била зголемена за 40 до 70 центи, а поскапувањето на тутунот придонело со 0,43 процентни поени во годишната инфлација.

Услугите во рестораните и кафулињата поскапеле за 6,9 отсто, додека сместувањето во хотелите и регистрираните приватни објекти за 6,2 отсто.

Цените на телефонските, интернет и медиумските услуги пораснале за 5,7 отсто, облеката и обувките за 4,1 отсто, фризерските и козметичките услуги за 7,2 отсто, а услугите за поправка и одржување на возилата за 8,8 отсто.

Меѓу другите поскапувања, цените на поголемите поправки и одржувањето на станбените објекти пораснале за 12,9 отсто.

Намалување на цените е забележано кај шест групи производи и услуги. Услугите за одведување отпадни води поевтиниле за 13,1 отсто, снабдувањето со вода за 11,2 отсто, овошјето за 6,5 отсто, а шеќерот, слатките и десертите за 3,7 отсто.

Цените на моторните возила се намалиле за 0,5 отсто, а на големите електрични и други кујнски апарати за 0,6 отсто.

Поврзани вести