HiPP: Жртва сме на уцена

HiPP соопшти дека е жртва на уцена, откако покрена итно повлекување на свои производи откако во тегла купена во Австрија бил пронајден отров за стаорци. Компанијата се сомнева на намерно труење, а слични случаи се регистрирани и во Чешка и Словачка.

Полицијата во австриската покраина Бургенланд потврди дека примерок од тегла детска храна од 190 грама, со вкус на морков и компир, бил позитивен на отров за стаорци. Од HiPP велат дека не може да се исклучи можноста за намерно внесување опасна супстанција и предупредија дека консумирањето може да биде опасно по живот.

Во соопштение до јавноста, компанијата наведува дека повлекувањето се однесува на производи од продажните места на Spar во Австрија (вклучително EUROSPAR, INTERSPAR и Maximarkt), поради сомнеж за криминална надворешна манипулација.

„HiPP е жртва на уцена. Уценувачот испратил порака до централната канцеларија на HiPP во Германија, на заедничко електронско сандаче кое се проверува периодично“, соопштија од компанијата.

Оттаму додаваат дека веднаш ја известиле полицијата и формирале кризен тим, преземајќи итни мерки за заштита на потрошувачите, во координација со властите.

„Инцидентот на никаков начин не е поврзан со квалитетот на нашите производи. Нашите производствени и контролни процеси остануваат непроменети. Станува збор за надворешна криминална манипулација надвор од нашата контрола“, наведуваат од HiPP.

Компанијата апелира до родителите да внимаваат на амбалажата – да проверат дали е неоштетена, дали капакот е правилно затворен и да не користат производи со сомнителен мирис или изглед.

Поради тековната истрага, од HiPP велат дека засега можат да споделуваат само информации одобрени од надлежните, но најавуваат дека ќе информираат штом има нови детали.

Scroll to Top