Петок, 27 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Патници на „Рајанер“ поминаа осум часа во авион во Виена поради снег: „Стјуардеса плачеше“

Патници на лет на „Рајанер“ од Виена кон Лондон поминаа повеќе од осум часа во авионот на пистата во четвртокот, пред тој конечно да полета. Неколку патници контактирале со медиумите, опишувајќи ги тешките услови во кабината за време на долгото чекање, пренесува австрискиот медиум Heute.

Еден од патниците раскажал дека еден член на екипажот плачел, а неколку лица сакале да го напуштат авионот. Според него, капетанот преку разгласот соопштил дека никому не му е дозволено да излезе од леталото.

Напнатост во кабината
Ситуацијата во авионот станала напната, при што двајца помлади патници доживеале силно вознемирување. Патниците се пожалиле дека не добиле никакви информации, храна ниту пијалаци. „Никогаш во животот немам доживеано вакво нешто“, изјавил еден од нив за австрискиот медиум.

Една 23-годишна девојка од Австрија, која патувала да го посети своето момче во Лондон, се качила во авионот нешто по 9:00 часот наутро. Летот бил закажан за 9:40 часот, но бил одложен поради обилни снежни врнежи. Времето на полетување постојано се одложувало – првично до 13:30 часот – со образложение дека има технички проблеми со системот за одмрзнување. Сепак, авионот сепак не полетал.

Без храна и вода, затнати тоалети
Како што чекањето се одолговлекувало, условите се влошувале. Патниците не добиле никаква бесплатна храна или пијалаци – дури ни вода. Им било кажано дека ваучери за освежување ќе добијат дури по пристигнувањето во Лондон. „Тоалетите се затнати и прелеваат, а нема ниту храна ниту пијалаци. Ова е вистински кошмар“, изјавила 23-годишната патничка.

Во еден момент, меѓу патниците почна да се шири гласина дека на возилото за одмрзнување му снемало гориво, иако оваа информација никогаш не беше официјално потврдена. Откако беше пропуштен предвидениот термин за полетување во 16:10 часот, авионот конечно полета во 17:34 часот. До тој момент, патниците веќе поминале повеќе од осум часа во авионот додека тој сè уште бил на земја.

Објаснувањето на „Рајанер“
Како одговор на прашањата од медиумите, „Рајанер“ изјави дека доцнењето било предизвикано од технички проблем со опремата за одмрзнување, со која управува Аеродромот во Виена. Авиокомпанијата напомена дека превозниците морале да чекаат ред за оваа услуга. Од „Рајанер“ нагласија дека не можеле да предвидат колку долго ќе трае чекањето и најавија дека имаат намера да разговараат за инцидентот со контролата на летање во Виена.

Од Аеродромот во Виена објаснија дека проблемот настанал поради непрестајни, обилни врнежи од снег. Тие истакнаа дека екипите за зимско одржување постојано ги чистат оперативните површини и дека секој авион мора да помине низ постапка за одмрзнување пред полетувањето, што доведува до доцнења. Во моментот на инцидентот, од аеродромот изјавија дека очекуваат воздушниот сообраќај да се нормализира во текот на вечерта.

Поврзани вести