Среда, 11 ноември 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Разузнавачки служби: Иран има илјадници беспилотни летала и повеќе од 1.700 ракети

Иран е способен да произведува околу 50 балистички ракети месечно, што е приближно половина од неговиот производствен капацитет пред војната, и покрај месеците воздушни напади на САД и Израел врз воената индустрија на Иран, според проценка на западните разузнавачки служби објавена од „Блумберг“.

Според проценките на западните разузнавачки извори, Иран најверојатно има најмалку 1.700 балистички ракети и продолжува да произведува нови, што му овозможува да го одржи капацитетот за одмазда во случај на обновен конфликт.

Иранската револуционерна гарда објави видео од откривањето на нов подземен ракетен комплекс, опишан како „ракетен град“.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека повеќе од 80 проценти од индустриската база на Иран поврзана со военото производство е уништена, додека аналитичарите посочија дека Техеран сè уште има залихи на компоненти што му овозможуваат да составува нови ракети.

Покрај балистичките ракети, Иран би можел да има и илјадници дронови од типот „Шахед“, изјави Џим Ламсон, истражувач на Кингс колеџот во Лондон и поранешен аналитичар на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

Според анализата на „Блумберг економикс“, Иран лансирал повеќе од 4.900 дронови од типот „Шахед“ и најмалку 2.200 балистички ракети од почетокот на конфликтот на 28 февруари.

Голем предизвик за американските сили е и залихите на пресретнувачи на ракети. Според истата анализа, за време на конфликтот биле користени најмалку 1.000 пресретнувачи „Патриот ПАК-3“, чија поединечна цена е околу четири милиони долари, додека само околу 650 вакви системи се произведуваат годишно.

Израел процени дека Иран имал околу 2.500 балистички ракети пред војната, додека проценките на западните разузнавачки служби од јуни покажаа дека Техеран задржал приближно три четвртини од своите залихи на муниција пред војната.

Сепак, експертите предупредуваат дека е тешко да се утврди точниот број на ракети и беспилотни летала што Иран ги поседува во моментов, бидејќи не е познат точниот обем на неговите предвоени залихи, ниту пак колку оружје е обновено или произведено во меѓувреме.

Западните разузнавачки служби, исто така, изјавија дека Русија му обезбедува на Иран одредени видови оружје за напади, но деталите за видот и количината на испорачаното оружје не се познати.

Аналитичарите проценуваат дека стратегијата на Иран не вклучува директна конкуренција со американските воени капацитети, туку одржување на доволно ракетни и беспилотни капацитети за да ги наруши операциите на противникот и да им наметне трошоци на САД и Израел, пренесува Танјуг.

Поврзани вести