Романија загрижена поради нападите со дронови врз трговски бродови во Црното Море

Романскиот претседател Никушор Дан денеска соопшти дека во разговорот со францускиот претседател Емануел Макрон изразил длабока загриженост поради неодамнешните напади со дронови врз трговски бродови во Црното Море.
Дан на социјалната мрежа Икс наведе дека имал „одличен разговор“ со Макрон, нагласувајќи дека стратешкото партнерство меѓу Романија и Франција останува еден од столбовите на заедничката безбедност.
„Ја пренесов длабоката загриженост на Романија поради неодамнешните напади со дронови врз трговски бродови во Црното Море и, во тој контекст, ја поздравив солидарноста и поддршката што Франција ја изрази во однос на безбедноста на пловидбата во регионот“, наведе романскиот претседател, пренесува Диги24.
Дан во петокот вечерта соопшти дека Романија побарала поддршка од европските сојузници по неодамнешните напади со дронови во Црното Море.
Тој тогаш наведе дека Франција веќе понудила помош во форма на различна опрема.


