Русија со дронови нападна автопат во близина на Киев, пријавени се жртви

Најмалку три лица загинаа, а четворица се повредени во руски напад со дронови, кој утрово погоди колона возила во областа Холосијивски, во предградието на Киев. Локалните власти ја потврдија информацијата, пренесува „The Kyiv Independent“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека дрон паднал во близина на бензинска пумпа. Државната служба за вонредни состојби на Украина објави детали за жртвите, наведувајќи: „Непријателот повторно цинично ги напаѓа цивилите. Зад секој ваков напад стојат човечки животи, болка и уништени судбини“.
Обвинителството на Киевската област објави фотографии од местото на настанот, на кои се гледаат неколку запалени автомобили долж автопатот Киев–Одеса. Од Обвинителството соопштија дека е отворена истрага за кршење на законите и обичаите на војување.
Украинските служби за итни случаи известија за уште еден напад што се случил претходно истото утро. Во напад врз производствен и складишен објект во Обухив, град јужно од Киев, загинаа три лица, а најмалку шестмина се повредени. Тимур Ткаченко, регионален функционер во Киевската област, потврди дека меѓу жртвите има две жени и еден маж. Тој додаде дека пожарот во погодениот објект е изгаснат.
Според соопштението на Украинските воздухопловни сили, Русија ја нападнала Украина во текот на ноќта на 20 октомври, користејќи 165 дронови од типот „Шахед“ и други летала. Од нив, 105 биле опремени со млазни мотори. Воздухопловните сили соопштија дека 115 руски дронови, вклучително и 73 со млазни мотори, биле соборени или неутрализирани преку средства за електронско војување на 30 различни локации.
Киев и другите градови сè почесто се цел на дронови со млазни мотори, кои не беа толку масовно користени минатата зима. Овие летала се побрзи и летаат на поголеми височини од постарите руски модели со пропелери, поради што за украинската противвоздушна одбрана е потешко да ги пресретне.
фото/Depositphotos/илустрација

