Рускиот дизел ќе пристигне во САД за 15 до 20 дена по потпишувањето на договорите

Руското дизел-гориво ќе пристигне во Соединетите Американски Држави во рок од 15 до 20 дена по потпишувањето на договорите, додека во географски поблиските земји испораките ќе пристигнат побрзо, изјави денеска рускиот вицепремиер Александар Новак.
Во изјава за агенцијата „Вести“, Новак рече дека во моментов се преговара за комерцијалните услови и се финализираат договорите. Испораките на горивото на пазарите ќе започнат откако договорите ќе бидат потпишани.
Рускиот вицепремиер посочи дека претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, на 9 октомври, за време на телефонски разговор, постигнале договор за испорака на руско дизел-гориво на светскиот пазар.
Новак: Европа не може да го надомести недостигот на гас
Новак оцени дека недостигот на гас во Европа не може да се надомести со други извори, имајќи го предвид одбивањето на европските земји да прифаќаат испораки од Русија.
„Убедени сме дека во моментов не постои начин да се покрие недостигот, со оглед на затворањето на Ормускиот Теснец, а постројката во Катар е затворена и по нападите во март. Затоа, според мене, европските политичари си пукаат во нога ако ги забранат испораките, вклучително и оние од Русија“, изјави Новак.
Тој додаде дека потрошувачите во Европската Унија ќе ја платат цената на таквата одлука на европските власти.
„Како последица на тоа, ќе дојде до недостиг“, рече рускиот вицепремиер, пренесе Танјуг.
Според Новак, Русија учествува со 17 до 20 проценти во увозот на течен природен гас (LNG) во Европската Унија, објави РИА Новости.
ЕУ постепено го укинува увозот на руски гас
Советот на Европската Унија во јануари усвои регулатива за постепено укинување на увозот на руски течен природен гас и гас што се транспортира преку гасоводи.
Забраната за увоз на течен природен гас врз основа на краткорочни договори стапи во сила на 25 април 2026 година, додека за долгорочните договори треба да стапи во сила на 1 јануари 2027 година.
Новак потврди дека испораките на руски LNG на европските пазари ќе продолжат до 1 јануари следната година. Тој нагласи дека станува збор за значителни количества гас што се испорачуваат во Европа како целина.
Русија има вишок од 3,5 милиони тони дизел-гориво месечно
Рускиот вицепремиер посочи дека Русија месечно троши меѓу 3,5 и четири милиони тони дизел-гориво, а располага со извозен вишок од речиси иста количина.
„Месечно испорачуваме дополнителни 3,5 милиони тони на светскиот пазар. Тоа значи дека во моментов имаме вишок на домашниот пазар. За да спречиме намалување на обемот на преработка во нашите постројки поради недостиг на простор за складирање на вишокот, мораме да извезуваме на светскиот пазар“, изјави Новак.
Тој додаде дека, во согласност со договорите меѓу претседателите Путин и Трамп, сега постои можност вишокот гориво да се испорачува и во Соединетите Американски Држави.


