Недела, 25 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Србија со рекорден утрински одѕив во споредба со последните пет изборни циклуси

25.10.2026, 10:05

🔴Најновите вести за изборите во Србија следете ги ОВДЕ.

Излезноста на предвремените парламентарни избори во Србија до 9 часот достигнала 12 отсто, што е повеќе од двојно повисока стапка во споредба со истиот период на претходните парламентарни избори, покажуваат податоците на Цесид и Ипсос.

За споредба, на парламентарните избори во 2023 година до 9 часот гласале 5,2 отсто од избирачите. Истата излезност била регистрирана и во 2020 и 2016 година, додека во 2022 година изнесувала 5,1 отсто, а во 2014 година 5,3 отсто.

Зголемениот одѕив го најавија и долгите редици што се формираа пред повеќе избирачки места уште во раните утрински часови, како во Србија така и во дијаспората.

Право на глас имаат 6.451.292 избирачи, кои гласаат на 8.392 избирачки места. Гласањето трае од 7 до 20 часот, а за 250 пратенички места се натпреваруваат 18 изборни листи.

Главната политичка битка се води меѓу листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ и студентската листа, која произлезе од повеќемесечните протести по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Студентските протести прераснаа во пошироко движење против корупцијата и за одговорност на институциите, а овие избори се сметаат за еден од најзначајните политички тестови за блокот околу Српската напредна партија во изминатите 14 години.

Предизборните анкети укажуваа на неизвесна трка. Истражувањето на НСПМ, спроведено од 25 септември до 5 октомври меѓу избирачите кои се определиле за кого ќе гласаат, ѝ давало поддршка од 44,5 отсто на студентската листа, наспроти 42,7 отсто за листата на Вучиќ.

На парламентарните избори во 2023 година конечната излезност изнесуваше 58,77 отсто, а во 2022 година 58,6 отсто. На изборите во 2020 година, кога дел од опозицијата ги бојкотираше изборите, излезноста падна на 48,93 отсто.

Поврзани вести