Тројца работници починаа во фабрика за делови за „Ајфон“ во Индија откако вдишале гас

Тројца работници загинаа во индиската држава Тамил Наду откако вдишале гас во фабрика на Tata Electronics, каде што се произведуваат компоненти за iPhone на Apple. Овие смртни случаи се најновите во низата инциденти што го погодуваат синџирот на снабдување на Apple во Индија, каде што „Tata“ склопува приближно 40% од сите телефони iPhone, додека остатокот го произведува Foxconn.
Несреќата се случила вчера за време на работи за одржување на постројка за третман на отпадни води во објектот во Хосур, Тамил Наду, според два извори кои се директно запознаени со случајот. Тие напоменаа дека производството не е загрозено, бидејќи фабриката била затворена оваа недела поради хиндуистичкиот празник Дипавали.
Со постројката за третман на отпадни води управувала компанијата Nalco Water, подружница на Ecolab, изјави окружниот претставник Динеш Кумар. Тој додаде дека работниците починале откако вдишале гас додека вршеле увид во надворешен резервоар за нанофилтрација.
„Ќе преземеме мерки“
Властите во Тамил Наду го истражуваат инцидентот, рече Кумар. Според изворите, „Tata“ и „Apple“ исто така ќе спроведат сопствени истраги за смртните случаи. „Безбедноста и достоинството на секој работник мора да останат главен приоритет. Овој трагичен инцидент ќе биде темелно истражен, а врз основа на утврдените факти ќе бидат преземени соодветни мерки“, изјави министерот за индустрија на државата Тамил Наду во објава на платформата „Икс“.
Објектот на „Tata“ во Хосур се соочи со низа предизвици; пред две години, пожар го запре производството во фабрика за компоненти, а претходно оваа година, државните власти предупредија на можно затворање на објектот поради загадување на подземните води – иако од таа одлука на крајот се сепак се откажаа.
