(Видео) Илјадници Израелци протестираа против Нетанјаху три дена пред изборите

Илјадници луѓе се собраа денеска во Тел Авив на голем антивладин протест против премиерот Бенјамин Нетанјаху, три дена пред парламентарните избори, кои се сметаат за своевиден референдум за неговото владеење.
Протестот го организираше Октомврискиот совет, група основана од семејства на жртви и заложници киднапирани од палестински милитанти на 7 октомври 2023 година. Демонстрантите бараат одговорност за пропустите што не го спречија нападот на Хамас, кој го предизвика војната во Газа.
„Три дена пред изборите ќе го одржиме завршниот настан со кој ќе одбележиме три години борба за откривање на вистината, барање одговорност и формирање државна истражна комисија“, објави Октомврискиот совет на социјалната мрежа Икс пред протестот.
Според новинар на Франс прес, илјадници луѓе марширале од централниот плоштад Рабин кон Плоштадот на заложниците, кој во изминатите години беше едно од главните места за антивладините протести и барањата за ослободување на заложниците од Газа.
„Кој и да нè водеше во изминатите четири години, ја заврши работата ужасно“, изјави 68-годишната Хадас Фојерштајн за Франс прес пред почетокот на собирот.
„Израел никогаш не бил во ситуацијата во која се наоѓа сега“, додаде таа.
Октомврискиот совет претходно ја предупреди полицијата за можни „провокации“ од активисти кои ја поддржуваат владата.
Неизвесна изборна трка
Анкетите покажуваат тесна трка меѓу десничарскиот блок на Нетанјаху, кој е на власт од крајот на 2022 година, и блокот на неговиот ривал Гади Ајзенкот, кој се позиционира во десниот центар.
Последните истражувања на јавното мислење укажуваат дека ниту еден од двата блока нема да освои мнозинство во израелскиот парламент, што ја зголемува неизвесноста околу составот на идната влада.
Бараат независна истрага за нападот на 7 октомври
Протестот е дел од повеќегодишните напори на израелското граѓанско општество и опозициските партии за формирање независна истражна комисија што ќе ги испита безбедносните пропусти пред нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Владата на Нетанјаху одби да формира независно тело од ваков тип, какви што Израел во минатото формирал за истраги на сериозни пропусти на државно ниво.
Наместо тоа, предложи формирање политичка комисија, чии членови би ги избирале владејачката коалиција и опозициските пратеници. Опозициските лидери најавија дека ќе ја бојкотираат комисијата, бидејќи сметаат дека истрагата не треба да биде под политичко влијание.



