(Видео) Истанбул под вода, две лица загинаа

Две лица загинаа во поплавите што вчера го зафатија Истанбул. Обилните дождови поплавија бројни патишта, подвозници, тунели, домови и деловни простории, предизвикувајќи сериозни прекини во сообраќајот, пренесува „Turkey Today“.
Четиринаесетгодишно момче загина од струен удар во парк во истанбулската општина Фатих, откако стапнало во вир со вода што била под напон. Момчето, идентификувано со иницијалите М. И., било пренесено во болница во бессознание од паркот „Чукурбостан“ (Cukurbostan) во населбата Балат. Во официјалното соопштение се наведува дека лекарите се обиделе да го реанимираат, но не успеале да му го спасат животот. Полицијата започна истрага.
Втор смртен случај е пријавен во Саријер, каде што 34-годишен маж, идентификуван како С.Ј., изгубил рамнотежа додека се обидувал да помине преку поплавен пат, при што удрил со главата од рабникот на тротоарот. Тој подоцна починал во болница.
Обилните дождови вчера предизвикаа поплави низ Истанбул. Бројни патишта, подвозници и тунели завршија под вода, а поплавени беа и куќи и деловни простории. Возила останаа заглавени на поплавените улици, додека луѓето бараа засолниште од поројниот дожд на станиците за јавен превоз.
Особено тешка ситуација беше забележана во областа Ајазага (Ayazaga), каде што силните дождови предизвикаа поплави. Водата се насобра на улиците и патиштата во пониските делови на населбата, што го отежна сообраќајот и движењето на пешаците.
Припадници на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD), со помош на локалното население, им помогнаа на граѓаните кои останаа заробени поради надојдената вода. Тие, исто така, помогнаа во безбедниот транспорт на жителите од погодените подрачја до нивните домови.
Вчера во Истанбул наврнаа околу 100 литри дожд на квадратен метар. Во одредени окрузи, количината на врнежи беше значително поголема. Во Бејкоз наврнаа 210 литри дожд, во Ејупсултан и Саријер 170, во Арнавуткој 130, а во Бујукчекмеџе 170 литри дожд на квадратен метар.
Од Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопштија дека службите за итни случаи примиле 2.518 повици во периодот од 06:00 до 20:00 часот. Меѓу нив имало 1.277 пријави за поплави, 15 за свлечишта, 47 за заглавени лица, 13 за паднати дрвја и две пријави за откорнати покриви.
Исто така, пријавена е штета на 76 возила, 808 станбени објекти и 280 деловни простории.
Во регионалната канцеларија на АФАД (AFAD) е формиран кризен штаб, а на терен биле испратени околу 8.000 припадници на службите, заедно со 2.000 возила и тешка механизација.
Според податоците објавени во 20:00 часот, патиштата се проодни, аеродромите функционираат нормално, а нема ниту откажани летови.
Во округот Саријер, две лица биле повлечени од поплавните води, но успеале да се фатат за цврсти предмети и да се спасат.
Во округот Фатих, каде што едно момче загина од струен удар, поплавени се и историскиот Голем базар (Капали чаршија) и Базарот на зачини (Египетски базар), два познати истанбулски пазари.
@plugtvkeYoung people in Istanbul’s Esenyurt district rushed to rescue a woman swept away by powerful floodwaters as heavy rainfall turned streets into raging rivers. The flooding left roads submerged, vehicles stranded and triggered landslides across the city. Authorities also closed schools as severe weather continued, while at least one person reportedly died from electrocution in floodwaters elsewhere in Istanbul.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, ги повика жителите денеска да не излегуваат од своите домови, освен ако тоа не е апсолутно неопходно. Тој исто така препорача оние што живеат во станови во сутерени или подруми, ноќта да ја поминат на повисоките катови.
Тој апелираше до граѓаните да се држат подалеку од коритата на потоците, подвозниците и областите подложни на поплави. Секој што нема безбедно сместување може да побара помош со јавување на бројот за итни случаи, 112.
фото/ЕПА


