(Видео) Најмалку седум загинати и десетици повредени во експлозија и пожар во канадска воена база

Најмалку седум лица загинале, а десетици се повредени во тешка несреќа во канадската воена база Вејнрајт, по експлозија и пожар што избиле вчера попладне. Локалните болници се соочуваат со голем притисок поради бројот на повредени, а во тек е обемна операција на итните служби за згрижување на настраданите.
Според информации од воени извори, експлозијата се случила околу 16 часот по локално време, кога за време на воена вежба со боева муниција бил погоден гасовод во рамките на базата, објави „Глобал њуз“.
Канадската кралска коњичка полиција потврдила дека нејзините припадници биле повикани да интервенираат поради пожар на воениот полигон. Сепак, властите засега официјално не потврдиле дека настанот започнал со експлозија.
Истрагата ја водат војската и полицијата, а сè уште не е познато дали меѓу загинатите и повредените има исклучиво припадници на вооружените сили.
Еден од изворите од местото на настанот опишал заслепувачки пламен и хаотични сцени, во кои војниците ги внесувале повредените колеги во возила за да ги пренесат во базата.
„Ниту една обука не можеше да нè подготви за ваква глетка“, изјавил тој.
Доцна синоќа, повеќе од десет припадници на канадската војска биле спуштени со падобрани во Вејнрајт за да помогнат во згрижувањето на настраданите.
Канадските вооружени сили соопштија дека нивен приоритет во моментов е обезбедувањето поддршка за настраданите и информирањето на нивните семејства. Поради тоа, нема да објавуваат детали за жртвите сè додека не заврши тој процес.
Канадскиот министер за одбрана, Дејвид Мекгинти, вчера вечерта потврди дека има загинати и повредени.
„Не се сеќавам во поновата историја да се случил ваков инцидент“, изјави тој, опишувајќи ја ситуацијата во базата, која се наоѓа во централниот дел на провинцијата Алберта, како многу сериозна и чувствителна.
„Ова е многу деликатна ситуација“, додаде Мекгинти.
Болниците прогласија кризен режим, повредените се пренесуваат во Едмонтон
Неколку болници во Алберта прогласија „Код портокалово“, протокол што се активира при катастрофи со голем број настрадани.
Поради ограничените капацитети во Вејнрајт, голем број повредени биле пренесени во болници во Едмонтон.
Доктор Ворен Тирск, лекар во одделението за итни случаи на болницата „Ројал Александра“ во Едмонтон, изјави за канадската телевизија Си-Би-Си дека станува збор за вонредна ситуација каква што се случува еднаш на 15 до 25 години.
„Има повеќе пациенти отколку што кој било од нас во моментов сака да брои. Ова е катастрофа“, изјави Тирск.
Организацијата „Акјут Кеар Алберта“ ги повика граѓаните да го користат здравствениот систем само кога е неопходно, за да се обезбедат доволно капацитети за настраданите од воената база.
Возилата на итната медицинска помош од цела Алберта биле пренасочени кон базата, а хеликоптерската служба СТАРС испратила екипи од Едмонтон и Саскатун.
Експлозијата предизвикала голем пожар, кој, потпомогнат од налетите на ветер со брзина до 100 километри на час, брзо се проширил надвор од границите на воениот полигон.
Во гаснењето учествуваат пожарникари од неколку околни области, а помош понудила и соседната провинција Саскачеван.
Пожарот е ставен под контрола, затворено и избирачко место
Локалните власти околу полноќ соопштија дека ширењето на пожарот е запрено, но дежурствата и интервенциите продолжиле во текот на ноќта.
На жителите на блискиот град Вејнрајт, кој има околу 6.600 жители, им било препорачано да ја избегнуваат загрозената област. Засега не е издадена наредба за евакуација.
Поради ширењето на пожарот, вчера морало да биде затворено и едно избирачко место во Вејнрајт, каде што се одржувал последниот ден од предвременото гласање на референдумот во Алберта.
Воената база Вејнрајт се наоѓа во руралниот дел на источна Алберта и претставува еден од најважните канадски центри за воена обука.
Во нејзиниот состав се наоѓа и Канадскиот центар за маневарска обука. Според пописот од 2021 година, во базата биле распоредени 1.310 воени и цивилни лица.
Началничката на Генералштабот на канадските вооружени сили, генералот Џени Каригнан, порача дека приоритет е благосостојбата на припадниците на војската и нивните семејства.
„Моите мисли се со сите погодени од оваа несреќа“, изјави таа.
Канадските лидери изразија сочувство до семејствата на загинатите
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, го опиша настанот како голема трагедија, додека канадскиот премиер Марк Карни преку социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на жртвите.
„Во воената база ЦФБ Вејнрајт во Алберта се случи сериозен инцидент што предизвика голем пожар. Нашите мисли се со сите храбри жени и мажи погодени од оваа несреќа“, напиша Карни.
И други политичари, меѓу кои пратеникот Дејн Лојд и лидерот на опозицијата Пјер Поалиевр, им се заблагодарија на службите за итни интервенции и повикаа на молитви за настраданите и нивните семејства.


