(Видео) Редици како во Белград и во дијаспората: Стотици Срби чекаат да гласаат во Лос Анџелес, гужви и во Чикаго и Париз

Голем број српски државјани кои живеат во странство утрово излегоа на гласање на предвремените парламентарни избори во Србија, а пред избирачките места во повеќе градови се формираа долги редици.
Според српскиот портал „Нова.рс“, голем број гласачи чекаат пред избирачките места во Чикаго и Санта Моника, а долги редици се забележани и во Вашингтон.
Особено голем интерес има во Лос Анџелес, каде што, според сведоштвото на Ѓорѓе Стијеповиќ за телевизијата Н1, стотици луѓе чекале да го остварат своето право на глас. Тој рече дека никогаш претходно не видел толку многу луѓе на гласање и дека се очекува чекањето да трае со часови.
Според неговите зборови, гласачи пристигнале од различни делови на САД, вклучително и од Калифорнија, Тексас и Аризона. Дел од нив се организирале и заедно дошле до гласачкиот центар во Санта Моника.
Редови се формирале и во Париз, каде што гласачите чекале под чадори поради дождот, како и во Љубљана, каде што интересот за гласање, според снимките објавени од медиумот, бил голем.
За гласање во странство се регистрирани вкупно 102.147 избирачи, распоредени на 93 избирачки места.
Најголем број пријавени гласачи има во Германија – 20.107, и во Босна и Херцеговина – 19.800. По нив следуваат Австрија, САД, Италија и Швајцарија.
Гласањето во дијаспората се одвива паралелно со изборите во Србија, на кои владејачкиот блок на Александар Вучиќ се соочува со предизвик од студентското движење, произлезено од протестите по трагедијата во Нови Сад.


