Понеделник, 19 октомври 2026МаркетингКонтакт
Пребарај

Воведен полициски час во делови од Париз по насилните протести

19.10.2026, 20:00

Француските власти воведоа полициски час за сите граѓани во одредени делови на Париз, на Плоштадот на Републиката и на улиците околу квартот Лез Ал, во првиот париски арондисман, кој ќе биде во сила од вечерва до шест часот наутро, јавува телевизијата БФМ.

Мерката не се однесува само на малолетниците, туку на сите граѓани, а е воведена по немирите што избувнаа во текот на викендот на маргините на протестите одржани низ Франција.

Градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, претходно денеска оцени дека во Франција ќе продолжат насилството, грабежите и палењето јавни згради сè додека власта не понуди политички одговор на кризата.

Тој, обраќајќи им се на собраните граѓани пред Градското собрание, изјави дека е неопходно да се изготви план и да се разговара со средношколците и студентите кои во последните недели протестираат низ земјата, барајќи поголеми инвестиции во образовниот систем, пренесува „Фигаро“.

„Мора да работиме на попрецизна платформа со барања за да ги создадеме условите за излез од кризата. Го повикувам премиерот Себастијан Лекорни да го преземе ова прашање и да започне преговори со средношколските, студентските и работничките организации“, изјави градоначалникот.

Бранот масовни протести во Франција започна кон средината на септември како локален штрајк и бунт на учениците и наставниците во едно средно училиште во посиромашно предградие на Париз. Причина за незадоволството биле лошите услови во образованието, хроничниот недостиг на професори, преполните училници и запуштените училишни згради.

Протестите се проширија во средните училишта и на факултетите низ земјата, а беа проследени со масовни блокади и судири со полицијата.

На демонстрациите им се приклучија синдикатите, родителите и активистите на некогашното движење „Жолти елеци“. Кон првичните барања за реформи во образованието се придружија и масовни улични протести против високите трошоци за живот, растот на цените на горивата и владините мерки за штедење.

Поврзани вести