„Америка може да нè предаде“: протече разговор меѓу Макрон, Мерц и Зеленски

Европските шефови на држави и влади длабоко не им веруваат на Соединетите Американски Држави кога станува збор за мировни преговори со Русија и Украина, пишуваат светските медиуми. Според белешките од конференцискиот повик до кои дојде „Шпигел“, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон употребиле остри зборови во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку други европски лидери, предупредувајќи дека САД би можеле да ја предадат и Украина и Европа.

Предупредувања од Париз и Берлин
Според белешките од повикот, кој бил воден на англиски јазик, Макрон предупредил на можноста за американско предавство.

„Постои можност САД да ја предадат Украина без јасност во врска со безбедносните гаранции“, рече францускиот претседател, додавајќи дека Зеленски е во „голема опасност“. Прашањето за руските барања за територијални отстапки е една од најчувствителните точки во преговорите.

Германскиот канцелар Мерц му рекол на Зеленски дека мора да биде „многу внимателен“ во наредните денови. „Тие си играат со тебе и со нас“, рекол Мерц, веројатно мислејќи на двајцата американски преговарачи – магнатот за недвижности Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Недоверба кон пратениците на Трамп

Овие и други изјави запишани во документот сведочат за длабоката недоверба што Европејците ја имаат кон двајца од доверливите луѓе на Трамп. Иако европските лидери постојано ја фалат новата мировна иницијатива на Вашингтон јавно, документот открива дека, освен Мерц и Макрон, и другите учесници во повикот не им веруваат на американските пратеници, според написите.
Фото: ЕПА

Scroll to Top