Американец по речиси 40 години призна убиство на млада мајка, не знаел дека починала

Речиси четири децении откако младата мајка Мелиса Елисон била пронајдена мртва во својот дом на Флорида, 70-годишен маж признал дека ја убил. Гери Гловац се јавил во полиција на 8 јули и рекол дека сака да „ги исправи работите“ бидејќи го мачела совеста.

Според полицискиот извештај, Гловац признал дека во декември 1987 година ја удрил 20-годишната Елисон со парче дрво за време на провала, додека барал пари. Тој на истражителите им рекол дека во март годинава прочитал напис за случајот и тогаш сфатил дека е одговорен за нејзината смрт, бидејќи дотогаш, како што тврди, не знаел дека таа починала.

Елисон била пронајдена мртва во спалната соба на 28 декември 1987 година. Обдукцијата покажала дека починала од удар со тап предмет во главата. Нејзината 13-месечна ќерка била во домот во моментот на убиството.

Гловац им кажал на детективите дека влегол низ прозорец и ја затекнал Мелиса во креветот со нејзината ќерка. Ја удрил еднаш со дрво, а потоа го однел детето на каучот и продолжил да бара пари. Детективите забележале дека опишал детали од местото на злосторството кои никогаш не биле јавно објавени, што ја потврдило неговата поврзаност со случајот.

Тој е обвинет за убиство од втор степен и вооружена провала со нанесување повреди. Се наоѓа во притвор без можност за кауција, а пред судија треба да се појави задутре.

Случајот со години бил без напредок. Нов поттик добил откако семејството во 2018 година го пријавило преку организацијата Project: Cold Case, а во јануари годинава ќерката на Мелиса упатила јавен апел до убиецот.

По апсењето, таа и сестрите на Мелиса биле известени од полицијата. Мајката на Мелиса починала во 2019 година, без да ја дознае вистината.

„Имаме апсење, а не правда“, изјавила ќерката, додавајќи дека семејството и понатаму се надева дека случајот конечно ќе добие праведен епилог.

Scroll to Top