Аријана Гранде побара од Белата куќа да не ја користи нејзината песна во видеото за лов на мигранти

Американската поп-ѕвезда Аријана Гранде побара од Белата куќа да не ја користи нејзината музика во видеото во кое американската администрација ја промовира својата имиграциска политика на социјалната мрежа „Tик-ток“.

„Ве молам, не ја користете мојата музика во врска со оваа варварска, нехумана, одвратна глупост“, напиша Гранде во коментар на објавата на „Tик-ток“, пренесува BBC.

Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, одговори на критиките на пејачката, велејќи дека „нелегалните мигранти“ се оние кои извршуваат сериозни кривични дела.

„Она што е навистина варварско, нехумано и гнасно се криминалните нелегални странци кои повредиле и убиле невини американски граѓани“, рече Џексон.

Белата куќа во понеделникот објави снимки од агенти на Службата за имиграција и царина (ICE) како им ставаат лисици на луѓе додека хитот на Аријана од 2024 година свири во позадина.

Акцијата на граничните агенти беше спроведена како дел од законот потпишан од американскиот претседател Доналд Трамп, со кој се одобрува финансирање од повеќе од 70 милијарди долари за агенциите за имиграција за преостанатите две и пол години од неговиот претседателски мандат.

Откако Гранде одговори на објавата, видеото беше исклучено, а нејзиниот коментар беше отстранет.

Минатата година, поп-пејачката Сабрина Карпентер, исто така, побара нејзината музика да не се користи во монтажите, откако снимка од Белата куќа користеше дел од нејзината песна од 2024 година „Џуно“ во компилација што ги прикажува операциите на ICE.

„Никогаш не ме вклучувајте мене или мојата музика во унапредувањето на вашата нехумана агенда“, напиша Карпентер во тоа време.

ABBA, Селин Дион и Бијонсе, исто така, инсистираа тимот на Трамп да не ја користи нивната музика за време на кампањата за реизбор во 2024 година и на предизборните митинзи, потсетува Би-Би-Си, како што објави Танјуг.

Scroll to Top