Европскиот парламент треба да го суспендира процесот на одобрување на трговскиот договор меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави, кој беше договорен во јули, дознава „Би-Би-Си“ од извори блиски до Комисијата за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
Одлуката за суспензија, според истите извори, треба официјално да биде објавена утре попладне во Стразбур.
Како што пишува „Би-Би-Си“, станува збор за договорот што во јули го постигнаа американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, при средба на голф-игралиштето на Трамп во Шкотска.
Договорот предвидува намалување на американските царини на целиот увоз од Европската унија на 15 отсто. Во тој момент, договорот во Брисел беше оценет како поволен, со оглед на тоа што Трамп претходно се закануваше со воведување царини до 30 отсто на европска стока.
Меѓутоа, како што нагласува „Би-Би-Си“, договорот сè уште треба формално да добие одобрување од Европскиот парламент. Комисијата за меѓународна трговија досега нема завршено анализа на договорот, што сега доведе до одлука за привремена суспензија на процесот.
Дополнителен притисок врз договорот се појави во саботата, само неколку часа по новата закана на Трамп за воведување нови американски царини, поврзани со прашањето за Гренланд. Влијателниот германски пратеник во Европскиот парламент Манфред Вебер тогаш изјави дека „одобрување во овој момент не е можно“.
Во завршната фаза на преговорите за трговскиот договор, Европската унија, потсетува „Би-Би-Си“, привремено ги суспендираше сопствените контрамерки, односно царините на американска стока во вредност од 93 милијарди евра.
Таа суспензија истекува на 6 февруари. Ако до тој датум не дојде до продолжување на суспензијата или до парламентарно одобрување на договорот, европските царини на американска стока ќе стапат на сила веќе на 7 февруари.
„Би-Би-Си“ заклучува дека натамошниот развој на настаните би можел сериозно да ги искомплицира трговските односи меѓу Брисел и Вашингтон, во време кога трансатлантските односи веќе се под притисок поради бројни отворени политички и безбедносни прашања.







