Британски гејмер бил сведок на убиство на пријателка од Финска додека играл онлајн игра

Британски гејмер бил сведок на страшно злосторство кога неговата онлајн пријателка (32) била смртно избодена во својот дом во Финска, а тој оддалечен повеќе од 1500 километри слушал без можност да спречи. Нападот се случил додека двајцата играле видео игра, јавува „Сан“.

Според полицискиот извештај, непознатиот Британец играл онлајн со пријателката околу 22 часот кога изненадно слушнал звук од скршен прозорец. Во паника ја прашал дали ги заклучила вратите, но веднаш потоа слушнал како убиецот на фински разговара со жртвата.

Британецот, немоќен да помогне, на 23 април во 5 часот наутро локално време, испратил е-пошта до финската полиција. Полицијата следниот ден го пронашла безживотното тело на жената во дневната соба и веднаш започнала истрага.

Истражувањето покажало бизарен ред на настани. По бруталното убиство, убиецот се упатил педесетина километри северно до градот Јува и запалил штала. Сосед го забележал пожарот и излегол надвор, а десетина минути подоцна бил сведок на страшна глетка– маж со рацете раширени излегол од изгорениот објект. Итната помош брзо стигнала и го пренела во болница, но мажот починал од тешките изгореници.

Криминалистичката инспекторка Марфа Раипела изјавила дека извршителот не бил познат на полицијата и дека случајот не се третира како терористички чин. Утврдено е дека ден претходно се преселил од својот дом во Иматра до Пумалу, каде што немал договорена средба со никого. Мотивот за ова дело останува непознат.

Полицијата верува дека жртвата била случајно избрана, поради тоа што нејзината куќа била лесно достапна и единствена со вклучено светло во тој момент. Со оглед на тоа што единствениот осомничен починал, случајот е официјално затворен.

Scroll to Top