Венецуела на Соединетите Американски Држави ќе им ја испорачува својата санкционирана нафта на неопределено време, откриле денеска извори блиски до Белата куќа, пишува „Си-ен-би-си“.
Оваа информација доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека Венецуела ќе испорача почетна транша од 30 до 50 милиони барели нафта, која ќе се продава по пазарни цени.
„Тие пари ќе ги контролирам јас, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека ќе се користат за доброто на народот на Венецуела и на Соединетите Американски Држави“, порача Трамп преку социјалните мрежи.
Според наводите на изворите, 50 милиони барели се само првата пратка, а испораките ќе продолжат неограничено. Американските санкции против Венецуела ќе бидат селективно укинати за да се овозможи транспорт и продажба на нафтата на светските пазари. Приходите од продажбата ќе бидат депонирани на сметки под контрола на САД, а средствата ќе ѝ бидат враќани на Венецуела според одлука на американската страна.
Планот подоцна го потврди и американскиот министер за енергетика Крис Рајт на конференција што во средата во Мајами ја организираше Голдман Сакс.
„Ќе ја пласираме на пазар суровата нафта што доаѓа од Венецуела“, изјави Рајт. „Прво оваа заостаната, складирана нафта, а потоа, неограничено и во иднина, ќе ја продаваме и тековната венецуелска продукција на пазарот.“
Досега, санкционираната венецуелска нафта најчесто завршуваше во Кина, но сега ќе биде пренасочена кон САД. Трамп појасни дека танкери за складирање ќе ја транспортираат нафтата директно до американските пристаништа.
Венецуела, една од основачките членки на ОПЕК, располага со најголемите докажани резерви на сирова нафта во светот, но во моментов произведува околу 800.000 барели дневно, според податоци на енергетската консултантска компанија Кплер. За споредба, САД моментално произведуваат околу 13,8 милиони барели дневно.







