Голем шумски пожар кој беснее западно од Атина и денеска продолжува да го ангажира грчкиот систем за справување со кризи. Стотици пожарникари и припадници на итните служби цела ноќ се бореа со огнената стихија во планинскиот регион Китерон, со поддршка од армиски возила, волонтери и тешка механизација.
Со првите утрински часови, во гаснењето повторно се вклучија и противпожарни авиони и хеликоптери. Според грчката државна телевизија ЕРТ, силниот ветер дополнително ја отежнува интервенцијата, бидејќи пламените јазици на моменти брзо се шират и менуваат правец.
Најпогодени се областите Вениза и Псата, а надлежните предупредуваат дека пожарот се движи кон исток и се приближува кон градот Мегара, кој се наоѓа околу 50 километри западно од Атина.
Во гаснењето учествуваат најмалку 500 пожарникари, меѓу кои и екипи испратени од Романија и Франција.
Грчките власти соопштија и дека досега се уапсени 13 лица, осомничени дека предизвикале пожари од невнимание.
Εικόνες αποκάλυψης στην περιοχή Νέα Δάφνη Μεγάρων. Με πολλές απανωτές εκρήξεις από νάρκες και βλήματα που υπάρχουνε από τον πόλεμο. #megara #greece #Athens #fire pic.twitter.com/fedJs8pkOy
— Forecast Weather Greece (@ForecastGreece) August 2, 2026
Покрај пожарот во близина на главниот град, активен е и голем шумски пожар на островот Кефалонија. Засега нема информации дека некое населено место е директно загрозено, додека пожарите на Крит, според локалните медиуми, главно се ставени под контрола.
Поради ширењето на огнот, неколку населени места добија наредби за евакуација. Според неофицијални медиумски информации, уништени се до 200 куќи, но оваа бројка сè уште не е официјално потврдена.
Според проценките на метеоролозите објавени на грчкиот портал „Прототема“, пожарите досега зафатиле околу 10 илјади хектари земјиште во северозападниот и западниот дел на атинскиот регион.







